Концертот со наслов „Романтична вечер со Ѕене и Елена“, кој е закажан за овој месец, е една од активностите што ќе се презентираат пред делчевската публика во Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“. На концертот, кој е соработка помеѓу композиторот, аранжер и продуцент на џез и популарна музика Дејан Георгиевски-Ѕене и вокалната солистка Елена Трајановска, ќе бидат изведени преработки на популарни македонски евергрин композиции.

Во Годишната програма за 2021 година, од областа на музичко-сценската дејност, со средства од Министерството за култура, ќе се реализираат повеќе музички настапи, меѓу кои и: концертот на дуетот кларинети Ѓоревски-Бакревски; проектот „Живеј со музика“ на познатиот оперски пејач, тенорот Влатко Груевски, кој ќе настапи со пијано-придружба на Андреј Наунов; концертот на гудачкиот квартет „Вива стрингс“, кој е составен од реномирани уметници, а од 2011 година редовно настапуваат на домашните концертни сцени. Во летниот период, на отворена сцена, ќе одржи концерт „Брассет“ од Скопје, кој ќе презентира популарна музика, вклучувајќи и филмски дела и класика. Во втората половина од годината, во зависност од состојбите со пандемијата, ќе се реализира проектот „Балканот пее и игра“, кој ќе претстави културни содржини од земјава, но и од регионот.

Центарот за култура во Делчево оваа, 2021 година ќе прослави и 1145 години од  Разловечкото востание, а во рамките на прославата ќе биде презентирана разновидна културно-уметничка програма. Негувањето на фолкорната традиција и годинава ќе продолжи преку одржувањето на „Голачките фолклорни средби“, преку кои, традиционално, под отворено небо се слави фолклорот, а со одржувањето на Саемот на стари занаети и домашни ракотворби, ќе бидат претставени повеќе стари занаети, меѓу кои и копаничарството.

Традицијата ќе се негува и преку настапите во рамките на програмата на женска пејачка група „Ѓурѓа“, како и преку Фолклорната  група „Вапцаров“, во која членуваат околу 100 активни членови, претежно млади луѓе, кои своите креативни афинитети и способности ги манифестираат во игроорниот и во музичкиот оддел. Во областа на драмската дејност, во јуни Центарот за култура Делчево ќе реализира премиерна изведба на претставата „Вистина или лага“, од авторот и режисер Маријана Стоименовска.

По повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби (3 Декември), во делчевскиот Центар за култура ќе се одржи и ликовна работилница за деца со посебни потреби, а продолжува да работи и Ликовното студио и ателје „Белогаски“, кое беше отворено минатата година. Годината ќе биде завршена со проектот  „Вапцарови бранувања“, во чест на патронот на Националната установа, во чии рамки ќе бидат организирани неколку литературни читања кои ќе бидат поврзани со одбележување на познати историски настани од нашето минато.

Во Центарот за култура во Делчево се предвидени и неколку инвестиции, меѓу кои набавката на тајфуни за греење на киносалата, со што целосно ќе се реши проблемот со греење во установата, а ќе се изврши и техничко доопремување преку набавувањето на компјутери. Од особено значење за Установата е и реализацијата на проектот за санација на покривната конструкција на Спомен-домот на Разловечкото востание, кој ќе се заштити од надворешните атмосферски влијанија.