Почина еден од најпознатите македонски архитекти, Јован Стефановски – Жан. Тој беше автор на многу објекти во државата и странство. Меѓу неговите најпознати дела се Милениумскиот крст на Водно, новиот театар и преку 550 други објекти во Македонија и светот.

За неговата исклучителна работа говорат и многубројните награди кои ги има добиено во Македонија, но и надвор од неа.

Јован Стефановски – Жан е роден 1948 година во Скопје каде што дипломира на Градежниот факултет со темата “Аеродромска пристанишна зграда – Пелагонија”,  кај проф. Георги Константиновски.

Тој беше професор на Државниот универзитет во Тетово, потоа на МИТ Универзитетот -Скопје, на ААБ Универзитетот во Приштина, Косово, беше декан и професор на ФОН Универзитет во Скопје, како и декан и професор на ЕПУ Универзитет во Перник, Р.Бугарија. На крајот од кариерата беше гост професор на Државниот универзитет во Малта.

Во младоста Стефановски-Жан ја добива стипендијата на Француската Влада за постдипломски студии во Марсеј, Франција, а докторира на Софискиот универзитет во Р. Бугарија.

Од  1994  година го формира сопствено Студио за архитектура “Еуроарх” каде што активно работеше до крајот на животот.

Има учествувано на 21 анонимни конкурси меѓу кои и  меѓународни. Осум меѓу нив се прво пласирани, делумно реализирани. Има реализирано значајни објекти во Р. Бугарија, Русија, Украина, Либија, Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска, Косово и Словенија.

Јован Стефановски – Жан во своето плодно архитектонско творештво има потпишано голем број станбени комплекси во Скопје, Струга, Охрид, бројни индивидуални станбени и деловни објекти низ повеќе градови во земјава, хотели и цркви како што се: Соборниот храм-Рождество на Пресвета Богородица, Скопје и црквата “Воскресение Христово”, Бутел, Скопје.

Жан е автор на плоштадот со фонатана и споменик на Итар Пејо, Прилеп и на фонтаната со коњаничка скулптура на Воин на коњ, Скопје.

Својата активност ја појавува и во сферата на публицистиката. И на театарската сценографија. Стефановски-Жан имаше богат општествен живот со функции на  “БИМАС” на Интернационалниот клуб на македонските архитекти ИЦМА, при светската академија на архитекти ИАА.