Откако на вчерашната седница, Владата на Република Северна Македонија ја усвои информацијата за нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата по дејности, вработените во културата можат априлските плати да ги земаат порамнети по коефициенти, по дејности.

Пресметките покажаа дека 2899 лица вработени во културата ќе имаат зголемување на платите.

Со нивелацијата е исправена голема и повеќегодишна неправда во сферата на културата, што се гледа во пресметките кои се правеа во Министерството за култура. Министерството за култура појаснува дека одредени реакции кои се јавуваат во институциите и во јавноста се поради неправилното  толкување на процесот на нивелација. Појаснуваме дека нивелацијата е порамнување на платите на исто работно место по коефициенти по дејности, а не потпишување нов колективен договор за вработените од културата.

Коефициентот кој се зема како основа за нивелација е коефициентот кој се јавува како највисок коефициент по работно место по одредени дејности.

Со нивелацијата на платите се опфатени сите вработени во културата, односно вработените и во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата.

Имајќи предвид дека согласно Колективниот договор, установите склучуваа колективни договори на ниво на работодавач, сите установи од областа на културата потпишуваат анекси кон колективните договори со кои ќе бидат  утврдени коефициентите кои се нивелираат. Во оние институции кои немаат колективен договор  за спроведување на нивелацијата, институциите сами изготвуваат нов колективен договор.

Со информацијата усвоена на вчерашната седница на Владата на РСМ, е констатирано дека Министерството за култура е во фаза на подготовка на нов Закон за јавниот интерес во културата, кој ќе биде усогласен со новите измени на законите од областа на јавната администрација, односно со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, и по неговото усвојување и по потпишување на нов колективен договор  ќе се создадат услови за ново усогласување на платите во културата.