Министерот за култура Хусни Исмаили, заедно со градоначалникот Исен Шабани, денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на реконструираниот Дом на културата во с. Неготино, Општина Врапчиште.

Во своето обраќање пред присутните граѓани, министерот Исмаили истакна дека реновирањето на Домот на културата претставува конкретна реализација на одличната соработка на централната со локалната власт.

„Проектот за реновирање на Домот на културата „Шота“, кој се реализираше со средства од Министерството за култура во рамките на Програмата за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата, како  и  со средства од Општината Врапчиште, претставува уште еден аргумент со кој оваа општина добива нов простор за одвивање на голем број разновидни содржини од областа на културата: библиотека, кинопроекции, театарски претстави, музички настани, изложби и гостувања на многу уметници“, рече министерот за култура.

Тој ги поздрави залагањата на градоначалникот на Општина Врапчиште за несебичната поддршка на проектот преку кој се стимулира културниот развој, а истовремено изрази уверување дека Министерството за култура ќе ги поддржи програмските активности што ќе се одвиваат во оваа локална установа од областа на културата.

Домот на културата „Шота“ е изграден во 1978 година по иницијатива на жителите на с. Неготино, Полошко, по пат на самопридонес.