Од десетти до дванаесетти април во Луојанг, НР Кина, се одржа Вториот форум за културно наследство во организација на Управата за културно наследство на НР Кина. Одржувањето на Форумот е во согласност со документот „Насоките од Софија за 16 + 1 соработка”, кој беше усвоен на Самитот на шефовите на владите на земјите членки на Процесот 16 + 1.

На Форумот учествуваа претставници на министерствата за култура на земјите од Централна и од Источна Европа и експерти во областа, а домаќини беа градоначалникот на Општина Луојанг и Министерството за култура и туризам на НР Кина. Република Северна Македонија ја претставуваа Афет Јашари, кабинетски службеник за координирање на Програмата во Министерството за култура, и Ивана Дамовска, советник за стратешко планирање во Центарот за соработка со НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

На Форумот беше претставен Центарот за културна соработка како извршно координативно тело кое се залага за следење, унапредување и афирмирање на меѓусебната културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, како и за имплементирање на донесените документи во рамките на Процесот 16 + 1.  Истовремено,  беше најавен 4. Форум на министри, кој ќе се одржи во Скопје во ноември оваа година, на кој ќе учествуваат сите министри од земјите од Централна и од Источна Европа, вклучувајќи ја и НР Кина.

Во согласност со темата на Форумот „Праисторија”, во Луојанг беше претставен Заливот на коските — залив во Охридското Езеро и археолошко наоѓалиште на праисториска наколна населба . Местото наречено „Плоча Миќов Град“, денес има реконструкција на наколни живеалишта (Музеј на вода „Залив на коските“) и платформи за посетителите.

Министерството за култура, преку Центарот за соработка со НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, останува посветено на унапредувањето на меѓународната културната соработка преку многубројните активности планирани за оваа година.