Министерството за култура денеска на веб-страницата ги објави резултатите за манифестацијата „Нов културен бран“, која ќе се одвива од 20 септември до 15 ноември.

Поради определбата за отвореност кон граѓанскиот сектор, интенцијата и на годинашната манифестација е да се поттикне и активира независната културна сцена и да се создадат еднакви можности за сите, поради што право на учество имаа здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата. На овој начин Министерството за култура се потруди да обезбеди „култура до сите и за сите“, и тоа со рамномерна географска застапеност на културата во сите плански региони.

Пристигнатите пријави ги разгледуваше Комисијата во состав: Исмет Рамадани, претседател и Самет Џенап и Ирена Стериовска, членови.

На конкурсот пристигнаа 456 пријави, а поддржани се 154 проект од сите области на уметничкото творештво: самостојни и групни изложби; солистички, камерни, симфониски и фолклорни концерти, рок- и џез-концерти; театарски претстави и филмски проекции и други активности.

Во согласност со Конкурсот, предност имаа мали мобилни проекти кои како активност се планирани во помалку развиени региони според развојниот и економско-социјалниот индекс, чија реализација е со соработка меѓу здруженија и поединци од невладиниот сектор, а во нив се вклучени уметници од домашната сцена.

Предност, исто така, имаа носители на проекти кои не биле финансирани во рамките на Годишната програма од национален интерес од областа на културата за 2019 година или, пак, ги завршиле проектите со сите фази.

Манифестацијата „Нов културен бран“ за која во 2019 година од буџетот на Министерството за културa e обезбедена подршка, е само уште една потврда дека средствата за културата треба да се наменат за оние што ја прават културата, за нивните активности и за креативците.

ЛИНК ДО РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТ „НОВ КУЛТУРЕН БРАН“

ОПЕРАТИВЕН И ФИНАНСИСКИ ПЛАН ЗА КОРИСТЕЊЕ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА  РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОДОБРЕН ПРОЕКТ ОД МАНИФЕСТАЦИЈАТА „НОВ КУЛТУРЕН БРАН“ ВО 2019 ГОДИНА