Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ денеска, среда (15 септември), во 20 часот ќе биде отворена главната изложба со наслов „Допирот“, која  е  дел од  низата изложби во рамките на мултимедијалниот проект „Ние сме тука: идни екологии“.

Во македонскиот проект „Допирот“ учествуваат исклучителни уметнички имиња од британската визуелна сцена што ја третира проблематиката на движечки слики: Бен Риверс, Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бедвир Вилијамс, како и нашите еминентни современи уметници: Елпида Хаџи-Василева, Велимир Жерновски и Кристина Пулејкова.

Изложбата чиј куратор е Ана Франговска, е подготвена со соработка меѓу Националната галерија, Британскиот совет и Агенцијата за подвижни слики „Лукс“ од Велика Британија и Министерството за култура на РС Македонија.

Изложбата, која ќе биде отворена за јавноста до 15 октомври 2021 година, а ќе биде придружена со јавна програма со различни настани што ќе ја истражуваат уметноста како медиум за подигнување на свеста за еколошките проблеми. Публиката ќе може да се приклучи во онлајн разговори со уметници и куратори, да учествува во панел-дискусии и да учествува во кураторски тури и работилници кои истражуваат теми како што се: екологија, подвижна слика и пристапност.