Во присуство на многубројни гости, меѓу кои и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, претседателот на Владата Зоран Заев, претставници на Владата, министерот за култура Асаф Адеми, министерот за култура на Црна Гора Александар Богдановиќ, вечерва во Музејот на македонската борба свечено беше отворена изложбата „Европската мода на црногорскиот двор -рефлексии“.

На оваа ексклузивна изложба е изложена свечена облека од колекцијата на Народниот музеј на Црна Гора, карактеристична за црногорскиот двор во 19 и во 20 век, а поставката се реализира со поддршка од Министерствата за култура на Република Северна Македонија и на Црна Гора, како и со поддршка од Амбасадата на Црна Гора во нашата земја.

Министерот Адеми во своето обраќање истакна дека изложбата е убав пример за успешна културна соработка меѓу две пријателски земји, која на непосреден начин ги унапредува и ги збогатува културните врски во областа на уметноста, историјата и музеологијата.

„Верувам дека оваа изложба ќе биде и голема провокација за научната и за стручната јавност кај нас, кои преку студиозниот пристап на изложените експонати ќе имаат можност да дадат ново толкување на веќе познати историски настани и ликови од минатото, со што ќе предизвикаат голем интерес кај музејските посетители во земјава“, истакна министерот за култура Адеми.

Министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, пред присутните посочи дека изложбата ќе овозможи увид во еден помалку познат сегмент од црногорската традиција и култура.

„Сигурен сум дека оваа изложба претставува чекор напред во културното поврзување на нашите две држави, од чие потврдено пријателство произлегоа многубројни примери на партнерство и соработка. Од таа причина, мило ми е што во Скопје претставуваме поставка која по многу нешта е единствена, чиј концепт е фокусиран на оние содржини од нашето минато на кои е посветувано помало внимание во историографските и уметничките осврти на црногорското наследство“, истакна министерот за култура на Црна Гора, Богдановиќ.

Директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николова, посочи дека основниот мотив за реализација на оваа изложба е преку изложениот амалгам на облека, фотографии и предмети, да се понуди релаксиран поглед на познатите историски факти, за ново доживување на музејскиот посетител.

„Преку размената на искуства и вештини, низ координирана и сплотена работа на работниците од двата музеја, создаваме заеднички културен производ чија првенствена мисија е да нè запознава и зближува. Изложбата „Европската мода на црногорскиот двор – рефлексии“ на Народниот музеј на Црна Гора го прави токму тоа, поставувајќи ги темелите за поблиска соработка и размена на идеи и културни добра меѓу двете држави“, истакна Николова.

За изложбата зборуваше и Анастазија Мирановиќ, директорка на Народниот музеј на Црна Гора, која се осврна на конкретните аспекти од конципирањето на оваа значајна изложба, како и за можностите за нови проекти и соработка меѓу музеите во двете земји.