Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во спортскиот центар „Ново Лисиче“ присуствуваше на свеченото затворање на шестото издание на Фестивалот „Гола месечина“, кој започна на 2 септември.Министерот за култура Исмаили, во рамките на фестивалското доделување на наградите, ја додели наградата за најдобра претстава и најдобра режија на претставата „39 скалила“ на Загрепскиот театар на комедијата.

На последната фестивалска вечер беше изведена стендап-комедијата од Никола Тодоровски, а премиерно беше прикажан и документарен филм за доајенот на македонската култура, големата актерка Анче Џамбазова, кој го сними НУ Театар „Комедија“. Филмот, во кој се прикажани разни аспекти од животот и кариерата на Џамбазова, е во режија на Миле Гроздановски, а по сценарио на Гоце Трајковски.

На Фестивалот, меѓу другото, со награда се закити и актерот од Народниот театар од Охрид, Стрезо Стаматовски, кој ја доби наградата за најдобра епизодна улога.