Министерот за култура, Хусни Исмаили, во рамките на своите активности за посета на институциите од областа на културата, денеска го посети Музејот на современата уметност. На средбата, министерот Исмаили од страна на директорката на оваа национална установа, Мира Гаќина, беше информиран за активностите што се реализираа во изминатиот период, а кои привлекоа голем број посетители.

Меѓу многубројните настани кои предизвикаа интерес кај јавноста се проекциите на филмовите на култниот режисер Желимир Жилник, изложбата „Скопје, одново“ која се реализираше под кураторство на Ана Кац од Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА во соработка со Кумјана Новакова и други активности.

Во Музејот на современата уметност е презентирана изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ на која се претставени 12 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот, како: Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк…

Во МСУ вечер ќе се реализира ноќно дружење на кое ќе биде промовиран новиот број на списанието „Големото стакло“, кое е специјализирано списание за современа уметност, култура и теорија.