Министерот за култура Хусни Исмаили денеска на Универзитетот на Југоисточна Европа се обрати на конференцијата која се одржа на тема „Етичкотo однесување на младите во мултикултурна средина“.

Во своето излагање пред присутните професори, студенти и други гости, министерот Исмаили истакна дека денешната тема зборува за посветеноста на Универзитетот на Југоисточна Европа за справување со сериозните теми што во моментов го преокупираат целиот цивилизиран свет.

„Етиката во контекст на младите луѓе и во контекст на мултикултурното опкружување, како што сме ние, е тема што го предизвикува не само нашиот свет. Затоа, овој настан не го заслужува само нашето внимание туку и нашето охрабрување и пофалби“, рече министерот Исмаили. Тој се осврна на односот на младите луѓе кон политиката и односот на етиката кон политиката.

„Без да сакам да навлегувам во полето на науката, затоа што е ова задача на истражувачите, би сакал да истакнам дека и оваа дебата е дополнителен поттик за свеста на нашето општество, со цел младите луѓе да се гледаат како додадена вредност, како креативен потенцијал и како можност за унапредување на развојните процеси во земјава.

Меѓу причините за големата миграција на младите луѓе во нашето општество не се само тешките економски услови туку уште повеќе нивната девалвација и стеснување на просторот за нив да се изразат и да се реализираат“, додаде Исмили и потенцираше дека присуството на младите луѓе во јавниот живот и во креирањето на различните политики е неопходен услов за развојот на општеството.

На настанот присутните ги поздрави и акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа.