Министерот за култура Хусни Исмаили денеска оствари работна средба со директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија и со претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов. На средбата стана збор за можностите за преземање на мерки од аспект на филмската дејност во насока на спречувањето на ширењето на вирусот Ковид 19, кој во моментов е најголем приоритет и за филмските работници во нашата земја.

На средбата беше истакнато дека здравјето на нашите граѓани е најважната работа во овие тешки мигови и дека пандемијата на корона вирусот и донесувањето на драстичните мерки за нејзиното спречување силно удрија врз културното живеење на глобално ниво. Соговорниците на средбата констатираа дека ударот е секако нанесен и врз филмската индустрија во Северна Македонија која набрзо ќе се соочи со долекусежни последици за филмските уметници, креативци, филмски работници и целокупниот филмски сектор во земјава. Тие се согласија дека во овие тешки мигови треба да се размислува и за ублажување на огромните последици кои ќе ги трпи филмската дејност.

На средбата беше посочено дека во моментов голем број на земји од Европа и светот се во фаза на преземање на мерки со цел да се овозможи опстанокот на аудиовизуелната индустрија во овие тешки моменти. Како општествено одговорни институции порачаа дека се прават напори и исчекори во некои други начини на креативно делување, поддршка и поврзување на авторите, филмските работници и публиката. Соговорните истакнаа дека во овие моменти треба да се даде меѓусебна поддршка и со голема радост да се почекаат моментите кога вратите на културните институции, филмските сетови, кино салите, филмските фестивали повторно ќе бидат отворени и достапни за непосредна комуникација.