Министерот за култура, Хусни Исмаили, денеска во Тетово го посети промотивниот штанд „Мој ДДВ” и разговараше со граѓаните на Тетово за бенефитите од мерката поврат на 15 посто од пресметаниот ДДВ.

Министерот Исмаили заклучи дека досегашните резултати од реализацијата на Мој ДДВ се успешни, за што потврда се и над 9,5 милиони скенирани фискални сметки и повратот кон граѓаните кој е околу 80 милиони денари.

„Повратот на 15 % од платениот ДДВ кај граѓаните е од особено значење поради неколку причини.  За прв пат државата враќа пари назад кај граѓаните, а истовремено мерката придонесува за намалување на сивата економија. Граѓаните ја препознаа користа од оваа мерка и веќе не излегуваат од продажните места без да им биде издадена фискална сметка. По воведувањето на Мој ДДВ, избегнуваат да пазарат на места каде што не добиваат фискални сметки.

Целиот овој процес ќе придонесе и за уште поголем прилив во државниот буџет со што ќе се отвори можност да се реализираат и нови проекти кои се од корист за граѓаните и проекти од областа на културата. Затоа ги повикувам граѓаните кои досега не ја симнале апликацијата Мој ДДВ да го направат тоа и да си вратат пари назад на нивните трансакциски сметки“, рече Исмаили.