Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа (11 септември) во Центарот за култура во Тетово присуствуваше на отворањето на четвртото издание на Тетовскиот џез-фестивал. Во своето кусо поздравно обраќање пред присутните, министерот за култура Исмаили истакна дека Тетовскиот џез-фестивал со својата куса, но богата и значајна уметничка биографија е една од манифестациите кај нас која со одличниот избор на музичари овозможи и Тетово да биде дел од глобалната џез-сцена.

„Ова четврто фестивалско издание нѐ мотивира и во наредните години да го поддржуваме и да го помагаме Фестивалот. Министерството за култура и во иднина ќе биде доследно во поддршката со цел да овозможиме Тетовскиот џез-фестивал да се надградува и збогатува“, рече министерот за култура.

Тетовскиот џез-фестивал беше отворен со настапот на музичарите од Истанбул, Турција, „Таксим трио“. Во рамките на фестивалската програма предвидени се концерти и на: браќата Тавитијан кои ќе настапат со Рхани Крија, Нита Речи со Квинтет и други. За учениците од Средното музичко училиште во Тетово влезот за сите концерти на Фестивалот ќе биде слободен.