Министерот за култура Хусни Исмаили денеска престојуваше во Подградец, Република Албанија, каде што се обрати на промотивниот настан посветен на  впишувањето на албанскиот дел од Охридското Езеро на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

На промотивниот настан во организација на министерствата за култура и за туризам и животна среднина на Албанија присуствуваа и: министрите за култура и за туризам и животна средина на Република Албанија, Елва Маргарити и Бленди Клоси; министерот за животна средина на Република Северна Македонија, Насер Нуредини;  Борис Ерк од советодавното тело на Центарот за светско наследство на УНЕСКО.

Министерот Исмаили во своето обраќање пред присутните ја истакна важноста на овој значаен настан  за двете земји,  кој се реализираше во рамките на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одржана во Баку, Азарбејџан.

„Проширувањето на ова сега веќе заедничко светско наследство се случува токму по 40 години кога во 1979 година, со одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион беше впишан на Листата на светско наследство, најпрвин како природно наследство, за во 1980 година да биде извршено дополнување со критериумите за културното наследство и негово впишување во категоријата мешовити добра.

Целосното впишување на регионот покрај брегот на Охридско Езеро, со проширувањето и на албанската страна на eзерото, е само уште една потврда за исклучителните универзални вредности што ги поседува овој регион и како таков е од посебно значење не само за нашите две земји туку и за човештвото воопшто“, рече Исмаили.

Тој додаде дека актуелната состојба во која се наоѓаат природното и културното наследство на Охридскиот Регион упатува на користење на сите домашни, билатерални, регионали и меѓународни инструменти и механизми за поефикасна заштита и управување со природното и културното наследство на овој регион.

Во тој контекст, министерот Исмаили рече дека е ова уште една можност  да се потврдат посветеноста, заложбите и подготвеноста за понатамошна заедничка соработка во рамките на секоја нова иницијатива насочена кон заштита и успешно управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, што ќе придонесе за зачувување на статусот како светско наследство на Листата на УНЕСКО.