Министерот за култура Хусни Исмаили оствари работна средба со амбасадорот на Република Словенија во нашата земја, Милан Јазбец. На средбата се дискутираше за досегашната соработка во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, како и за активностите што ќе се реализираат во наредниот период.

Министерот за култура Исмаили ја истакна добрата соработка што Министерството за култура ја негува со Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија и изрази уверување дека одличната коминикација и заемната поддршка ќе продолжат и во периодот што следува.

Беше констатирано дека постои размена на проекти и гостувања на македонски и на словенечки уметници во двете земји, а успешна е и соработката во областа на литературната дејност, која се реализира преку Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици.

Министерот Исмаили нагласи дека во согласност со Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година, поддржани се повеќе активности за презентација на македонската култура во Словенија, меѓу кои и гостувањето на МНТ, изложбата на цртежи од Никола Мартиновски од колекцијата на Националната галерија во Посавскиот музеј во Брезице и други.

Освен на билатерален план, Република Северна Македонија има одлична соработка со Словенија и на мултилатерален план. Двете земји членуваат во Форумот на словенски култури, во Советот на министри од Југоисточна Европа, а реализираат и заеднички проекти во рамките на соработката со УНЕСКО.