Министерот за култура денеска во својот кабинет се сретна со светски познат филмски режисер Милчо Манчевски, чии филмови се дистрибуирани во повеќе од 50 земји, а неговите дела досега имале повеќе од 250 фестивалски проекции.

На средбата стана збор за најновиот игран филм на Манчевски „Врба“  чија премиера ќе биде на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим. Станува збор за прв македонски филм во официјална селекција меѓу 30-тина филмови на овој фестивал кој е најмладиот фестивал меѓу најелитните фестивали во светот, каде светски премиери досега имале многу оскаровци.

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Филм за мајчинство, љубов и доверба. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски.  Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.

Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.