Министерот за култура, Хусни Исмаили, вчера престојуваше во Риека каде учествуваше и се обрати на состанокот на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, чиј претседавач годинава е Република Хрватска.

На почетокот од своето обраќање, министерот Исмаили изрази благодарност до хрватската министерка за култура Корженек за исклучителната организација на шестиот состанок на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа. Истовремено ѝ пожела успех на Владата на Република Хрватска за предвидената агенда во рамките на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ и изрази благодарност за поддршката што ја дава Р Хрватска  на нашата земја и на земјите од Западен Балкан за приклучување кон ЕУ.

Министерот Исмаили, во своето обраќање пред присутните, го истакна и  значењето на политиките и инструментите на партнерите на регионалната платформа за одржување конструктивен дијалог и соработка во духот на меѓусебното почитување на различностите и толеранцијата, а сè со цел градење на современи, демократски и стабилни општества.

„Со цел да се реализираат приоритетите на регионалната платформа, ние како Министерство за култура треба да овозможиме активно учество на сите културни актери во реализацијата на нашите политики. Мобилноста на уметниците и професионалците, нивната вклученост во копродукциски проекти со цел размена на искуства и градење на професионални и институционални капацитети, претставува витален дел во процесот на профилирање и развој на регионалниот културен контекст“, рече министерот за култура.

Тој додаде дека фокусот на соработката и во иднина треба да биде насочен кон размената на искуства меѓу професионалните уметници и уметниците од сите дисциплини во културниот сектор, дигитализацијата и примената на новите технологии, заштитата на културното наследство, креирањето на нови начини на негова презентација и промоција, борбата против нелегалната трговија со културни добра, заштитата на авторските права, развојот на креативните индустрии и културниот туризам.

На состанокот беше усвоена и потпишана декларација во која се идентификувани актуелните предизвици со кои се соочува културниот сектор, како и насоките за идната соработка.