Министерот за култура Хусни Исмаили утре (1.2.2020 г.) ќе престојува во работна посета на Р Хрватска каде што ќе  учествува  и ќе се обрати на средбата на Советот на министри за култура на  Југоисточна  Европа– Јакнење на културата во функција на одржливиот  развој (КОМОКОСЕЕ), што се одржува во Риека.

На средбата, чиј домаќин е хрватската министерка за култура Нина Обуљен Коржинек, чија земја е актуелен претседавач на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, ќе бидат разменети мислења и ставови за предизвиците во културната соработка на земјите членки преку мобилност на уметниците и заеднички проекти. На состанокот ќе биде усвоена и потпишана и декларација.

Исто така, министерот Исмаили, во рамките на престојот во Риека, заедно со другите министри за култура ќе присуствува и на свеченото отворање на манифестацијата „Риека – Европска престолнина на културата 2020“ во Хрватскиот народен театар „Иван пл. Зајц“.

Во рамките на манифестацијата, која се реализира под мотото „Пристаниште на различности”, за цела 2020 година се планирани повеќе од 600 културно-уметнички настани во кои ќе бидат вклучени над 300 организации и уметници од 40 земји од Европа и од светот.