Министерот за култура Асаф Адеми синоќа се обрати на отворањето на манифестацијата „Недела на турски филмови“, која се реализира со поддршка на Генералниот директорат за кинематографија при Министерство за култура и туризам на Република Турција.

Министерот за култура пред бројните гости, меѓу кои и Тулин Еркал Кара, амбасадор на Република Турција во нашата земја, професори од Меѓународниот Балкански универзитет и други, истакна дека оваа манифестација ќе даде значаен импулс и ќе отвори многу нови можности за соработка меѓу филмските продукции, можности за размена на уметници, режисери, размена на искуства меѓу двете земји.

„Уверен сум дека размената на креативната енергија со нашата публика, која  докажа дека знае да распознава вистински вредности, е една од најголемите придобивки за сите автори кои ќе бидат дел од оваа манифестација“, рече министерот за култура.

Во рамките на манифестацијата „Недела на турски филмови“, љубителите на филмската уметност до 26 април ќе можат да уживаат во филмските остварувања од најновата турска продукција, меѓу кои и филмот „Балкајмак“ на режисерот Онур Тан, кој е снимен во нашата земја.

На проекциите, гости ќе бидат режисерите и актерите на прикажаните филмови, а ќе биде организирана и  кинематографска работилница на која најзначајните имиња од областа на филмската уметност  од двете земји ќе имаат можност да разменат мислења и да ја продлабочат меѓусебната соработка во оваа дејност.