Министерот за култура Асаф Адеми, кој е дел од владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, учествува на 8. Самит на шефови на владите на земјите од Централна и Источна Европа и на Народна Република Кина од Процесот 16+1, кој вчера и денеска се одржува во Дубровник, Република  Хрватска.

Во делегацијата задно со премиерот Заев се и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

На маргините на Самитот, министерот Адеми оствари повеќе билатерални средби со своите колеги од регионот, а  ќе учествува и на панел-дискусиите  посветени на развојот на културната соработка во рамките на Процесот 16+1.  Инаку, Министерството за култура на Република Северна Македонија и  Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ од 19 до 21 ноември оваа година ќе бидат домаќини на министерскиот Форум за културна соработка на кој ќе се разговара за идната соработка во делот на културата меѓу  Кина и земјите од ЦИЕ.

Иницијативата 16+1 ги вклучува Кина и 16 земји од Централна и од Источна Европа – Црна Гора, Република Северна Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија.

Иницијативата е интегрален дел од еден од најамбициозните проекти во историјата насловен „Еден појас, еден пат“ – современиот Пат на свилата. Домаќин на Осмиот самит на шефовите на владите на Кина и на 16 земји од Централна и Источна Европа (16+1) е Република Хрватска.