Министерката за култура Ирена Стефоска денеска беше во работна посета на Велес каде што ги посети институциите од областа на културата во овој град.

Во Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Стефоска се сретна со Сашо Димоски, в.д. директор на една од најстарите театарски институции, Велешкиот театар. На состанокот се разговараше за тековните проблеми , кои се во процес на решавање, а кои се однесуваат на нормалното функционирање на објектот.

Министерката за култура, Стефоска имаше средби и со в. д. директорите на Народниот музеј и на локалната библиотека „Гоце Делчев“, Марин Клифов  и Гордана Васкоска. На средбата, министерката за култура се запозна со состојбите и проблемите со кои се соочуваат овие институции, како и со активностите за реализација на проекти во услови на пандемија.

Во рамки на посетата на Велес, Стефоска го посети Меморијалниот музејски комплекс во Горно Врановци кој е прогласен за Споменик на културата.

Во 1944 година, во селото Горно Врановци биле лоцирани највисоките државни и политички тела: Президиумот на АСНОМ, Главниот штаб на НОБ и ПОМ, Централниот комитет на КПМ, Иницијативниот одбор на Народноослободителниот фронт, Главниот одбор на НОМС и Иницијативниот одбор на АФЖ. Во Горно Врановци, министерката за култура ја посети и џамијата, која во 1944 год. била главна болница за ранетите партизани.

Стефоска го посети и монументалниот споменик „Спомен-костурница“, вечното почивалиште на поетот Коста Солев Рацин и на уште стотина велешки борци од НОВ. Споменикот, кој е изграден во 1979 год.,  е дело на архитектот Саво Суботин и на академскиот вајар Љубомир Денковиќ од Нови Сад, а во внатрешноста на комплексот се наоѓа и најголемиот мозаик во земјава,  дело на академскиот сликар Петар Мазев.

Благодарение на грижата на Народен музеј Велес, овие споменици од НОВ се во одлична состојба. Тие се пример, рече Стефоска, како треба да се грижиме за нашето културно наследство.