Пред овој светилник , кој како да бдее над Скопје, се радувам што со враќањето на автентичноста на главниот конак, манастирскиот комплекс  го  добива својот заслужен и единствен  лик.

Оваа прекрасна и по многу нешта особена црква, Свети Пантелејмон, е  и споменик  на културата. Според  расположивите информации, во доцните седумдесети  од  минатиот  век, бил направен обид  за нејзино впишување на  листата на културно наследство на УНЕСКО.  За жал, тоа не се случило.

Верувајќи дека денеска се создадени сите предуслови за повторно аплицирање,  ја преземам одговорноста и честа заедно со Националниот совет за заштита на културното наследство, како што тоа го направивме  и  за црквата во Курбиново,  да  ја отпочнеме подготовката за впишување на тентативната  листа на УНЕСКО и на оваа црква од 12 век, Свети Пантелејмон во Нерези.

Нашата земја изобилува  со вакви  различни културни добра, вредни за споделување со светот.  Се чудам  зошто досега институциите  и стручните лица не подготвиле  Национална  листа за номинација на редица културни добра во УНЕСКО  и  доколку  тоа било подготвено можеби некои од нив  веќе ќе биле впишани во листата на светско културно богатство. Но, чекор по чекор, тоа ќе го направиме. Заштитата  на културното наследство е приоритет на оваа влада.

Свети Пантелејмон е заштитник на лекарите. Нека им е напомош и на нив и на оние на кои , особено сега, им е неопходна  нивната помош.

 

Изјава на Министерката за култура Ирена Стефоска / Св.Пантелејмон