Министерката за култура Ирена Стефоска денеска беше во работна посета на институциите од областа на културата во Штип и во Виница.

Во рамките на посетата на Штип, а по повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип, министерката Стефоска се обрати на отворањето на комбинираната изложба на два проекта: „Резултати од заштитните археолошки истражувања 2017 – 2018 година (локалитети Врчва, Марчово, Топлничка Река, Канли Чаир, Бојковци, Пилав Тепе)“ и „Жената чувар и пренесувач на традицијата – ракотворби“.

Во своето обраќање пред присутните, министерката Стефоска истакна дека оваа институција веќе седум децении е чувар и промотор на културното наследство на градот Штип и на неговата околина, а изложбата, со која денеска се одбележува јубилејот на Заводот, го одразува токму широкиот спектар на нашето културно наследство, надоврзувајќи се на сопствената традиција.

„Од Барутница до Галеријата на икони во „Свети Никола”, преку деветте илјади инвентарирани предмети, Заводот и музеј – Штип го негува она што со векови нашите предци го граделе, што ние денес го доградуваме и што идните генерации ќе го надградуваат. Темелите на иднината се наоѓаат во археолошките локалитети, во средновековните тврдини и базилики, во османлиските карван-сараи и амами, во спомениците од НОБ“, рече  Стефоска.

Во рамките на изложбата, која се одвиваше во специфични услови поради пандемијата од КОВИД-19, освен од областа на етнологијата и археологијата, претставени се експонати и од историјата и од ликовната дејност.

Министерката Стефоска во Штип оствари средба и со директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип Митко Штерјов, Ката Мишева од  Центарот за култура „Ацо Шопов“ и со Зоран Костовски,  в. д. директор на Библиотеката „Гоце Делчев“. На средбата, на која присуствуваа и пратеникот Сашо Николов и Билјана Казанџиска од локалната самоуправа, се разговараше за актуелните кадровски и инфраструктурни проблеми, како и за унапредувањето и развојот на културата во овој град, а беше презентиран и проектот за санација на спомениците од НОБ од овој регион, изготвен од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип, кој ќе се реализира преку локалната самоуправа.

За време на посетата на Виница, Стефоска оствари средба со градоначалникот Ивица Димитров, на која присуствуваа и директорот на Домот на културата „Тошо Арсов“ Јовица Илиев и директорот на „Музејот Теракота“ Златко Костадиновски. На средбата, министерката Стефоска покажа особен интерес за проектот „Тродимензионално моделирање на пет археолошки локалитети од римскиот период во Република Северна Македонија“ на Христијан Талевски, од Институтот за старословенска култура.

Станува збор за проект поддржан од Министерството за култура, кој развива  тродимензионално моделирање на недвижното културно наследство со користење компјутерска технологија. Реализацијата на проектот е во завршна фаза, а моделирањето е веќе завршено на локалитетите Хераклеја Линкестис и Виничко Кале. Идејата е овој метод за документирање, мониторинг и проучување на културното наследство да најде примена во што поголем број институции од областа на заштитата на културното наследство.