|
Со пригодна свеченост вчера пред црквата „Свети Петар и
Павле“ во Горно Лисиче традиционалниот коњанички марш се упати кон Мечкин
Камен, Крушево како почеток на манифестацијата „Илинденски марш“, која оваа
година се одржува по 32 – ри пат, по повод празникот Илинден.
На манифестацијата „Илинденски
коњанички марш“ се обрати и државниот секретар на Министерството за култура,
Дарко Стефановски кој пред присутните истакна дека преку реализацијата на оваа
манифестација, повеќе од три децении успешно се пренесува и негува традицијата
на нашите славни предци.
-Нема сомнеж дека овој настан со
својата атрактивност низ годините предизвикува се поголемо внимание кај
македонската јавност и прерасна во една од значајните културно-историски
манифестации во нашата земја, додаде Стефановски. Тој нагласи дека
Министерството за култура на Република Македонија како и во минатото, така и во
иднина ќе ја дава својата поддршка за оваа манифестација, бидејќи таа
претставува чувар на непокорот на македонскиот народ, симбол за нашето постоење
и самопотврдување.
Од здружението „Илинденски марш – Горно
Лисиче“, кои се организатори на манифестацијата информираа дека следните денови
маршот продолжува преку Велес, Чашка и општина Долнени. На 31 јули коњаниците
пристигнуваат во Крушево, каде ќе бидат пречекани со културно – уметничка
програма, а на 2 -ри август пристигнуваат на Мечкин Камен каде ќе биде
одбележан празникот Илинден.
|