Вчера на платото пред Македониумот во легендарното Крушево, во присуство на голем број гости беше отворена втората манифестацијата Крушево-етно град која има за цел промоција на културно-историското наследство на земјава и на Крушево како посебно атрактивна туристичка дестинација. Како во востаничката 1903 година комити и турски аскер, моми и ергени-сите во носии од тоа време расположени да потсетат на историјата на градот и славниот период од првата република на Балканот. Со пуштањето на гулабите и пред развиореното македонско знаме манифестацијата ја отворија министрите за култура, внатрешни работи и за транспорт и врски Елизабета Канческа-Милевска, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и потпретседателот на Владата Васко Наумовски-сите облечени во народни носии.
Министерката Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека е задоволна од презентацијата на традиционалните обичаи, архитектурата, културното наследство со кое располагаат и Крушево и Република Македонија во рамки на манифестацијата, која доби поддршка и од УНЕСКО преку Министерството за култура.
- Манифестацијата успеа да ги поттикне старите занаети, успеавме да ја реновираме архитектурата, ги разбудивме крушевчани преку почитувањето на сите обичаи и на традицијата. Драго ми е што успеавме да ги поттикнеме сите културни вредности со кои се гордееме сите Македноци и граѓани на Македонија. Министерството за култура ќе продолжи да ја поддржува манифестацијата со цел да ги вратиме сјајот на Крушево, сјајот на оваа туристичка дестинација и економските придобивки на градот, изјави Канческа-Милевска.
Инаку, на патниците намерници наредните 20-ина дена, крушевчани ќе им ги објаснуваат животот, славното минато, традициите, јунаштвата и историските богатства на Крушево. Годинава “Крушево Етно град“ се организира со поддршка од Унеско Бресце, преку италијанското министерство за надворешни работи, македонското Министерството за култура и Општина Крушево.
|