Министерот за култура Хусни Исмаили во Музејот на македонската борба се обрати на свеченоста што се организираше по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Пред почетокот на свечениот настан, министерот Исмаили кратко ги поздрави присутните упатувајќи честитки по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

„Денешниот настан претставува мал, но многу значаен потсетник за важноста на една категорија луѓе кои се околу нас. Луѓе кои се многу талентирани во различни области, личности кои со својата различност ја чекаат својата можност да бидат рамноправен дел од нашето општество и сите негови сфери“, рече министерот за култура.

Тој додаде дека грижата за  културните потреби на овие лица е еден од приоритетите на Министерството за култура, со што и Министерството и институциите од областа на културата се отворени за соработка и за иницијативи со цел да се унапреди културното живеење на лицата со хендикеп.

Организатори на концертот со наслов ,,Еднаков предизвик”, со поддршка од Министерството за култура, беа невладината организација „Хендикеп плус“ и продукцијата „Александер АРП“.

На настанот беше промовирана и песна со видеоспот во изведба на Александар Ристевски-Принц посветен на лицата со хендикеп, а беа доделени и благодарници, меѓу кои и за Министерството за култура и министерот Хусни Исмаили.