На церемонијата што ќе се одржи во просториите на Кинотеката на 14 октомври (среда) во 13 часот, на актерот и режисер Коле Ангеловски и на костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ ќе им бидат врачени наградите „Златен објектив“.

Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, ќе им врачи пригодни плакети и значки „Златен објектив“ на годинашните лауреати, а слово за нивното дело ќе одржи филмологот, д-р Атанас Чупоски.

Коле Ангеловски (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 г., по што се вработила во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и забавно-музички емисии. Во 1977 г. специјализирала изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз и почнала поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна предавала Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, каде што се пензионира.