Жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти ги донесоа одлуките за добитници на традиционалните награди на Друштвото на писателите на Македонија за книжевната продукција во изминатата, 2018 година.

Според одлуките на комисиите, наградата „Стале Попов“ ја доби романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ, Виолета Танчева-Златева ја доби наградата „Ацо Шопов“ за поетската збирка „Патот“, за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“ Лидија Капушевска-Дракулевска ќе ја понесе наградата „Димитар Митрев“, наградата „Ванчо Николески“ оди во рацете на Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ и наградата „Мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија ја добива Рифат Емин за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик.

Комисиите беа составени од: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Кристина Николовска и Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски, Вања Изова-Велева и Благој Самоников,  Васил Тоциновски, Анастасија Ѓурчинова и Јагода Михајловска-Георгиева , Киро Донев, Мито Спасевски и Фејзи Бојку, Гордана Стојковска, Октај Ахмед и Делвина Крлуку.

Наградите ќе бидат врачени на свеченоста што ќе се одржи на 13 февруари во просториите на Друштвото, во знак на одбележување на 72-годишнината од основањето на писателската асоцијација.

Во конкуренција за петте награди на конкурсот распишан во текот на декември, минатата година беа поднесени вкупно 61 книжевно дело.