Институциите од културата деновиве започнаа акција со која ги охрабруваат своите следбеници, публиката и пошроката јавност да останат дома, следејќи ги нивните програмски содржини, онлајн. На тој начин, националните установи од областа на културата даваат свој придонес во олеснување на почитувањето на мерките на Владата на Република Северна Македонија против ширењето на коронавирусот, а меѓу најосновните е, да се седи дома.

За таа цел Македонскиот народен театар отвори свој YouTube канал, на кој вечерва од 20 часот ќе биде прикажана хит претставата „Сомнително лице“, утревечер во истиот термин ќе се емитува „Изгубени Германци“, на 20.03. „Парите се отепувачка“, на  23 март „Да тргнеме Сењор“ и 24 март претставата . „Мајсторот и Маргарита“.

Од денеска и Театарот Комедија  на нивниот  YouTube-канал ќе биде присутен  во  домовите на граѓаните. Вечерва со почеток во 20 часот  на онлајн репертоарот ќе биде претставата „Сон на летната ноќ“, во петок  претставата „Име“ а во сабота  претставата „Хамлет во пикантен сос“.

Кумановскиот театар,  пак продолжува со прикажување на онлајн претстави на  линкот https://youtu.be/cZTvlwAUCyc. Јавноста вчера  можеше да ја проследи  претставата „Ревизор“ на Гогољ, во режија на Андреј Цветановски, а од денеска до петок ќе биде  емитувана  детската престава „Волшебникот од Оз. Во наредните денови онлајн od 17 часот ќе можат да се следат и  претставите „Ревизор“, „Јованче и Марика“, „Бегај, еве ја жена ти“, „Околиска болница“.

Националната галерија чии три објекти се затворени за посетителите како заштита од ширењето на коронавирусот,  за љубителите на уметноста  им овозможува на интернет да ја видат јубилејната изложба по повод 70 години постоење на институцијата,а пак својот фб профил постојано постира дела на наши еминентни уметници, како и информации за авторите и нивните дела.

Иако е затворен за посетители, Археолошкиот музеј ја продолжи комуникацијата со јавноста објавувајќи едукативни видеа со аудионарација и знаковен јазик. Видеата кои се само еден дел од првиот реализиран чекор од проектот „Пристапен музеј”  кој е поддржан од Балканската музејска мрежа и нуди можност на јавноста за виртуелна посета на ексклузивната интернационална изложба „100 години Требениште”.

Како дел од светската кампања на музеи, галерии и уметнички простори преку онлајн  видео и сликовни содржини и  Музејот на современата уметност во Скопје му се приклучи на светскиот тренд на онлајн-прикажување на дела од колекциите на музеите, преку виртуелна обиколка или постирање дела на социјалните мрежи.

Со виртуелна презентација на својата поставка се вклучи и НУ-Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица, чие видео е достапно на нивните веб и фб страници.

Народниот театар од Охрид и Центарот за култура „Григор Прличев“ им овозможуваат на граѓаните да ги следат нивните театарски проекти преку YouTube каналот https://www.youtube.com/watch?v=O3rESwKD73g каде граѓаните можат да ја гледаат претставата “Балканска 3а /2” од Дејан Дуковски.

Согласно препораките на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на КОВИД-19, НУ Музеј на македонската борба за самостојност е затворен за посета, но ја продолжува својата комуникација со посетителите преку интернет локацијата www.mmb.org.mk како и преку каналите на социјалните мрежи Facebook и Google business.

Музејот започна со интерактивната 3Д веб сцена посветена на Аферата Мис Стон која е веб локација http://www.mmb.org.mk/elenston/, а продолжува и со презентација на инклузивниот водич Минато на дланка посветен на 13 тактилни предмети и аудио приказни преку кои се доловува музејската поставка. Во наредниот период музејот ќе продолжи да објавува и музејски приказни од збирките и депоата.со цел едукација за културното и историското наследство во новонастанатите околности.

Музејот на Република Северна Македонија пак од утре, четврток започнува на својата веб страница и фб профилот започнува со прикажување на етнолошки документарни филмови во продукција на музејот.