Енциклопедискиoт зборник „Франкофонски хоризонти“ кој е објавен во Париз денеска е промовиран во Македонија на манифестацијата „ЕСРА ФЕСТ“

esra1

Манифестацијата „ЕСРА Фест“ што ја организира Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк денеска во киносалата на кинотеката на Македонија промовираше енциклопедиски зборник „Франкофонски хоризонти“ и го прогласи актерот Мики Манојловиќ за почесен доктор.

Зборникот е објавен во Париз во издание на Меѓународната организација на франкофонијата и издавачката куќа „Кле интернационал“. Во него се опфатени духовните и историските идентитети на повеќе народи на Балканот и Кавказот. Вклучени се и содржини за Македонија и текст на Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот ЕСРА, кој  е со-издавач на ова капитално дело.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, го поздрави овој чин и истакна дека со него се издигнува на високо меѓународно рамниште реномето на културните и високообразовните институции на Македонија, која е членка на Меѓународната организација на франкофонијата.

fran_ambasad_1_200Францускиот амбасадор во Македонија Жан-Клод Шлумберже рече дека книгата „Франкофонски хоризонти“ ќе им овозможи на студентите да се запознаат со националните култури на повеќе земји од Балканот и Кавказот со посредство на францускиот јазик.
- Во ова убаво дело ќе може да најдете текстови, репортажи, сведоштва за земји како Македонија, Албанија, Романија, Ерменија, Бугарија и Молдавија. Среќен сум и горд што францускиот јазик може да придонесе за меѓукултурната комуникација, која е една од главните вокации на франкофонијата, истакна Шлуберже.

Признанието doctor honoris causa на српскиот актер Мики Манојловиќ му го врачи ректорот Јордан Плевнеш кој во својот говор рече дека  Манојловиќ го допрел она што само актер од негов формат може и да го понуди на светската филмска јавност.
- Само актерски гениј со љубов како Вашата, можеше со својата кариера да ги гради разрушените мостови меѓу сите нови и стари балкански држави... Нашиот Универзитет ќе Ве прогласи за почесен доктор зашто Вие личите на сите големи актери во светот... и бидејќи со Вас во уметничката вечност животот и љубовта секогаш победуваат, рече меѓу другото Плевнеш.
Esra_1_640
На настанот што денеска го организираше ЕСРА беше промовирана и репортажата за ловиштето Јасен, која е објавена на француски јазик во познатата ревија за лов и риболов „Connaissance de la Chasse“ што се печати во 150.000 примероци. За написот во угледното списание зборуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски кој се заблагодари за промоцијата на македонските природни убавини. Студентите од Есра настанот го затворија со изведба на  музичката нумера на Влатко Стефановски во филмот Џипси меџик.