Владата ја усвои Стратегијата и Акцискиот план за културата: Година на темелни реформи, преструктуирање и обнова на културниот систем

Владата на Република Македонија ја усвои Стратегијата за развој на културата 2018-22 и Акцискиот план, со кои и практично го отвораме процесот на темелни реформи,  преструктуирање и обнова на културниот систем во Република Македонија...

Со Стратегијата целиме кон оживотворување на нашата визија за градење едно општество за сите, децентрализација и деметрополизација на културата и пристап до неа за сите граѓани подеднакво.

Во изминатите месеци спроведовме повеќе институционални акции, со кои го спречивме пропаѓањето на културниот систем во повеќе сегменти и непродуктивното трошење на парите на граѓаните. Поконкретно изменивме 4 закони, го запревме пропаѓањето на културното наследство, ги оневозможивме клиентелистичките привилегии и стопиравме да се одлеваат пари за СК 2014. Подготвивме буџет и спроведуваме активности со кои ги враќаме долговите за да спречиме огромни камати, ги санираме објектите на културата и овозможуваме проекти на голем број актери во културата. Годинава отвораме повеќе процеси за преструктуирање на системот, во кои го очекуваме учеството и придонесот на јавноста и сите заинтересирани.

Во однос на конкретните зафати за реформи во културниот сектор,дозволете да ви ги презентираме клучните сегменти од акцискиот план, за кои веќе сме во напредни фази на подготовка.

Децентрализација на културата: Ќе ги поддржиме сите иницијативи на општините да основаат  нови културни установи или да го зголемат бројот на институции под нивна надлежност. Еден од начините ќе биде префрлање на дел од установите под надлежност на општините. Ќе направиме анализа на досегашните искуства со децентрализацијата и одржливоста на општинските буџети локалните ресурси за да бидеме сигурни дека одржливоста на културниот живот нема да се наруши, туку ќе добие шанси за непосредно учество и реализација културните потреби на граѓаните од таа средина;Во соработка со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, ќе се засилат активностите за создавање фискални услови и зголемување на парите што ги добиваат општините преку блок дотациите за култура; Нашиот основен критериум ќе биде што поширок територијален опфат и поголема достапност на културните содржини;

Заштита на културното наследство и музеите, по долгогодишна негрижа, е наш врвен програмски приоритет. Ќе се спроведе ревизија на состојбите во установите и во Управата за заштита на културното наследство. Ќе се изработи стратегија за заштита и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство. Во 2018-та ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство. Ќе се подготви листа на споменици од национално значење, Национален акциски план за превенција на криминал со културното наследство, како и надградба на постојниот информациски систем и соодветно одржување на Националниот регистер на културно наследство. Во музејската дејност, ќе спроведеме измени на Законот за музеите и подготовка на неопходните подзаконски акти. Ќе го преиспитаме статусот (национален или локален) на музеите во насоката на децентрализација на дел од постојната музејска мрежа, општествената и стручната оправданост на постоењето на одделни музеи и предлог за неопходни трансформации, со можност за иницијативи за нови. Ќе се спроведе и анализа на просторните услови во музеите со предлог - мерки;

Поддршка на граѓанскиот и на независниот културен сектор,  интердисциплинарните уметности, културните и креативните индустрии: Во изминатите месеци демонстриравме далеку поголемо партнерство, учество, можности и поддршка. За прв пат спроведовме конкурс за мултидисциплинарните проекти. Годинава ќе се работи на основање на одделение за развој и финансирање на современи независни интермедијални и интередисциплинарни културни и уметнички практики. Кај самостојните уметници, ќе се изврши ревизија на доделениот статус на самостоен уметник, либерализација на условите и постапките и стимулирање на поголем број самостојни уметници како суштински придонес во поддршката на уметничкото творештво. Кај културните индустрии, ќе направиме мапирање на расположливите и потенцијалните ресурси за културни и креативни индустрии на национално, локално и на урбано ниво. Ќе се работи на создавање на интегрирана стратегија за развој на културните и креативните индустрии;

Реформа на Министерството за култура и другите институции на културата: Министерството за култура се реформира, а улогата во културниот систем ќе се враќа во нормала. Тоа веќе нема да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен арбитeр како претходно. Ги ревидираме постојните ресурси, мрежата на национални установи, со насоки за годишно и повеќегодишно финансирање на новата мрежа на установи; Министерството станува регулатор на општите рамки на културниот систем и ќе ги утврдува основните цели на културната политика. Обезбедуваме транспарентност во информирањето за финансиското работење. Министерството се екипира и со специјалисти од областа на културниот менаџмент и културната администрација и ќе спроведе едукација и обука на кадрите, преку меѓународна поддршка и поддршка од граѓанскиот сектор.

Реформа на системот на финансирање: Националните установи ќе добиваат резервиран буџет, врз основа на стратешки план за период од три години. Програмите ќе ги утврдуваат самите, залагајќи се за вкоренетост во локалните заедници чии културни потреби ги задоволуваат. Развојот на публика останува врвен критериум. Програмите ќе ги носат програмските совети и Управните одбори, а Министерството ќе ги преиспитува од аспект на усогласеност со културните политики. Ќе се применуваат комбинирани и специјални повици, еднократни и со променливи датуми, за краткотрајни но и подолгорочни проекти што имаат потреба од повеќегодишно финансирање, особено за пресретнување на проектите што добиле европска поддршка. 

Реформи во филмската дејност: Ќе се преиспита законското решение за финансирање на Агенцијата за филм, со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни. Ќе се спроведе ревизија на досегашните финансирани проекти, исполнувањето на договорените обврски на филмските продуценти, почитувањето на роковите, буџетите и квалитетот на филмовите. Ќе се подготви стратегија за развој на филмската дејност, што е обврска од Законот за филмска дејност.

Во библиотечната дејност, предвидуваме измени и дополнувања на Законот за библиотеките и подготвување подзаконски акти од областа, во Законот за издавачка дејност (во делот што се однесува на библиотеките), како и дополнувања на Националната класификација на културното наследство. Освен тоа, ни претстои санирање на состојбите во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а ќе обезбедиме поддршка за дигитализацијата на библиотечните фондови и нивна имплементација во базите на светските дигитални центри и асоцијации, како и  за континуираната професионална едукација на библиотечниот кадар.

Текстовите на Стратегијата и Акцискиот план може да се пронајдат и сочуваат на следните врски:

Стратегијата за развој на културата 2018-2022

Акциски план 2018 - 2020
kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia