Соопштение на Министерството за култура за загрижувачките состојби по дождот во објектите на културата низ Македонија

Министерството за култура на Република Македонија ја информира јавноста дека по првичните информации за сериозни штети предизвикани од дождот во повеќе национални установи, заменик-министерот за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски, веднаш излезе на увид и ги посети објектите на Драмскиот театар и Музејот на Македонија, додека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски направи увид во Музејот на современа уметност во Скопје. Министерството испрати допис до сите национални установи да направат итен увид во состојбите на нивните објекти, и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите...

Констатирано е дека дури и при дождови, кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив. Цел на Владата на Република Македонија и Министерството за култура е таа негрижа да се стопира веднаш и да се преземат итни мерки.

Во Драмскиот Театар, во соработка со директорот Сашо Тасевски уште денес ќе се преземат мерки за санација на оваа загрижувачка состојба и за локално санирање на кровот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски,  ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства кровот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на Драмскиот театар до тече без никакви пречки.

Владата на Република Македонија и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој Театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение, кое нема беспоштедно и непродуктивно да ги троши парите на граѓаните.  Драмскиот театар е типична жртва на тнр проект „Скопје 2014“, преку кој се инвестираше во прескапи и мегаломански објекти и споменици, додека постојните објекти на културните установи се во очајна состојба.

Во Музејот на Македонија е исто така констатирана загрижувачка состојба, која е последица на долгогодишната негрижа и несанирањето на последиците од минатогодишниот земјотрес и поројните дождови од март годинава. Иако новото раководство презема итни мерки, потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од Буџетот.

Музејот на современата уметност - Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати.

Протекување на кровот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река, како и други објекти од кои по итниот допис на Министерството добиваме постојани известувања. Министерството за култура ја следи интензивно состојбата и е подготвено, во соработка со раководствата, да интервенира веднаш во сите итни ситуации.   

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia