Македонската филхармонија со концерт „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените

Filharmonija_1

Македонската филхармонија на 14 февруари, по повод Денот на вљубените, во 20 часот во Македонската опера и балет ќе одржи концерт насловен „Париз те сакам“. Ќе бидат изведени популарни француски шансони кои ги испеале Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд...

Директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ денеска на прес-конференција рече дека на концертот како вокалист ќе настапи популарната унгарска пејачка Миртил, диригент е Борјан Цанев, оркестрациите се на Емин Џијан, режијата е на Дејан Прошев, а на сцената актерот Васил Зафирчев ќе чита поезија од францускиот поет Жак Превер.

- Миртил е многу позната во Европа и во светот, многу е интересна како вокал и начинот на кој интерпретира. Мислам дека прекрасно ќе се вклопи заедно со оркестарот во интерпретација на француската музика - истакна Чаначевиќ.

Таа посочи дека годинава ја почнале со спектакуларен Божикен концерт во Македонската опера и балет на кој настапил светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин. 

- Тој беше пресреќен што по неколку години повторно е во Македонија. Таа соработка ќе ја продолжиме и во иднина бидејќи се работи за звучно име на полето на класичната музика. Соработката со него е многу значајна не само за нашиот оркестар туку и за промоција на нашата држава и македонската култура - рече Чаначевиќ.

Таа укажа на нивната тенденција како институција да носат врвни музички имиња и диригенти од целиот свет и да претставуваат музички композиции кои првпат ќе бидат изведени во Македонија или, пак, композиции кои се комплексни за изведба и не може често да бидат на репертоарот на еден симфониски оркестар. 

Чаначевиќ се осврна и на вчерашниот концерт во чест на Саша Николовски-Ѓумар, на кој настапи македонскиот пијанист од помладата генерација Дино Имери.

- Во текот на годинава љубителите на класичната музика ќе имаат можност да видат врвни уметници од целиот свет. На 9 март по повод 8 Март ќе имаме можност да ја видиме светски познатата саксофонистка Еми Диксон, потоа следуваат концертите на Иштван Вардаи на виолончело, Нинг Фенг на виолина, како и настапите на диригентот Даниел Рајскин, виолинистот Никита Борисо-Глебски...како и настапите на македонските уметници Сихана Бадивуку на виолина, сопранистката Милена Арсовска и многу други - рече Чаначевиќ.

Filharmonija_2-001

Таа потенцира дека ќе одржат и симфониски концерти за деца, едукативни програми кои ги прават во Македонската филхармонија, а ќе имаат и гостувања низ градовите во Македонија.

- Најмногу не радува влегувањето во новиот објект напролет кој е граден по сите светски критериуми. Освен новата концертна сала, ќе бидеме збогатени и со голем број музички инстументи кои ќе придонесат за уште подобар квалитет и поубав звук на нашиот оркестар -додаде директортката на Македонската филхармонија.

Диригентот Цанев рече дека го прошириле репертоарот и придобиле нова публика. Во врска со концертот на 14 февруари изрази уверување дека аранжманите на Џијан ќе бидат одлични.

Џијан рече дека како оркестратор ја избрал Македонската филхармонија во целосен состав. 

- Ќе има бенд кој ќе биде составен од Благоја Перуновски на хармоника, Иван Бејков на бас, Зоран Костадиновски на гитара, јас во улога на пијанист и Мартин Вучиќ на тапани. Не очекува убав концерт со убави мелодии - додаде Џијан.

Одговарајќи на новинарско прашање, Чаначевиќ рече дека Министерството за култура речиси во целост ја финансира нивната работа почнувајќи од она што значи концерти, сите оние потреби што ги имаат за реализација во нивното секојдневие, плати, потрошен материјал за музичките инструменти, набавка на нови музички инструменти, концертната сала...

Во рамките на музичкиот дел на програмата, посочи Чаначевиќ, се финансирани проектите кои веќе ние на некој начин ги објавивме во нашата годишна програма која почна во септември минатата година, а завршува во јули оваа година.

- Значи она што можете да го видите во печатеното издание, во нашата книшка во првите шест месеци од оваа година, е во целост поддржано и финансирано, а и оние нешта кои веќе сме ги планирале. Сите музички уметници кои ги набројав на почетокот се поддржани од Министерството за култура, детските концерти, настапите во државата и надвор се дел од годишната програма на Министерството за култура - додаде Чаначевиќ.

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk