Министерката за култура во посета на снимање на сцена од филмот „Жената што си ги избриша солзите“

Jasen20_320Пред голем број медиуми и во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, филмската екипата на третиот игран филм на Теона Стругар-Митевска-„Жената што си ги избриша солзите“, во која главаната улога ја игра европската филмска ѕвезда Викторија Абрил, во ловиштто Јасен ја снимаше завршната сцена на филмот.

„Сестри и брат Митевски“ се водечки продуцент на филмот, кој е копродукција меѓу Република Македонија, Словенија, Белгија и Германија. 

Канческа-Милевска истакна дека ќе биде снимен филм на кој му претстојат голем број фестивали. Во посета на филмската екипа беше присутен и директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески кој додаде дека филмот и недопрените предели на Македонија што се амбиент за неговите сцени ќе биде одлична промоција на земјава во светот.

Jasen5_640

Светски познатата актерка Викторија Абрил на средбата истакна дека е среќна поради престојот во Македонија и дека е фасцинирана од атмосферата за време на снимањето на филмот со сестрите Митевски и интернационаната екипа.

Jasen7_640

Режисерката Теона Митевска, на која ова и е трет игран филм, по „Како убив светец“ и „Јас сум од Титов Велес“, верува во неговиот успех. За насловот рече дека ја носи суштината на приказната што се обидува да ја раскаже.

Филмот започна да се снима на 28 март во Радовиш, потоа во околината на Бучим, а во Јасен екипата ќе биде до сабота. Потоа е два дена во Скопје и заминува во Вајмар, Германија, каде што снимањето треба да заврши на 18 мај и се очекува да биде готов  во февруари догодина. Тој  ја раскажува борбата на две жени од различни општества - од Франција и од Македонија, кои ќе се спојат под чудни околности. Едната барајќи одговори за загубата на својот син и отуѓувањето на сопругот, а втората трпеливо настојувајќи да го најде својот изгубен сопруг и да го зачува синот. И двете на свој начин одбиваат да ја прифатат општествено одредената улога и се борат да ги преуредат своите животни судбини.

Jasen12_640

Во филмот учествуваат и Арбен Бајрактарај, Петар Мусевски, Фирдаус Неби, Петар Горко, Жаклина Стевковска, Маја Вељковиќ, Рујиш Беговска, Темер Ибрахим и Береда Решхит. Директор на фотографија е Унгарецот Матјаж Ердели.