Во Националниот музеј за уметност во Букурешт, се одржа шестиот годишен состанок на министрите за култура на Југоисточна Европа

Bukurest_6a_300На состанокот на кој централна тема беше регионалната соработка во областа на културата учествуваше и државниот секретар во Министерството за култура, г. Дарко Стефановски

Денеска (15 април 2011 година), во Националниот музеј за уметност во Букурешт (поранешната кралска палата), Романија, се одржа шестиот годишен Министерски состанок на министрите за култура на Југоисточна Европа. На состанокот на кој централна тема беше регионалната соработка во областа на културата учествуваше и државниот секретар во Министерството за култура, г. Дарко Стефановски.

Bukurest_2a_640

Министрите за култура и другите високи претставници на министерствата за култура од: Македонија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Романија, Србија, Турција и Словенија, се договорија да ја подигнат на повисоко ниво регионалната соработка во рамките на овој значаен регионален форум и заеднички да одлучуваат во врска со прашања од општ интерес.

Особено значајна е соработката во областа на заштитата на културното наследство во регионот на Југоисточна Европа, како дел од заедничкото европско наследство и како неделив сегмент од универзалното светско културно наследство коешто во себе содржи највисоки цивилизациски вредности. Недвосмислена беше политичката волја на сите учесници за натамошно продлабочување на регионалната соработка во областа на културата и беше истакнато дека тоа ги отвора можностите за соработка меѓу државите од регионот и во други области од општествно-политичкиот живот.

Државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија, г. Дарко Стефановски, се осврна на придобивките што ги има секоја држава поединечно од регионалната соработка, како и на придонесот на  Македонија кон реализацијата на регионалните проекти иницирани од страна на УНЕСКО, Советот на Европа и Европската Унија: „Регионалната програма за културно наследство“, „Проект-планот за локален развој“ и „Програмата Култура 2007 – 2013“.

Bukurest_3A_640

На министерскиот состанок, во својство на гости, присуствуваа и претставници од Министерството за култура на Република Австрија, како и министри и други високи претставници од министерствата за култура на Азербејџан, Грузија и на Еременија со цел да го официјализираат основањето на Советот на министри за култура на државите-членки на Црноморско–кавкаскиот регион. Оваа идеја за првпат беше промовирана на Министерската конференција во Скопје, во септември 2010 година, којашто се одржа по повод претседавањето на Република Македонија со Комитетот на министри на Советот на Европа. На состанокот покрај домаќинот,  министерот за култура и национално наследство на Романија Келемен Хунор, присуствуваа и Средоје Новиќ Министер за цивилни работи на Босна и Херцеговина, Бранислав Миќуновиќ, Министер за култура на Црна Гора, Предраг Марковиќ, Министер за култура на Република Србија и Абулфас Гараев, Министер за култура на Азербејџан.

Во својство на гостин на состанокот на Советот на министри за култура на Југоситочна Европа, г. Роберт Палмер, директор за култура, културно и природно наследство при Советот на Европа, ја потврди определбата на Советот на Европа за понатамошна поддршка на оваа и на слични регионални иницијативи за соработка во областа на културата.

На заклучувањето на работниот дел од министерскиот состанок, претставниците на државите-членки усвоија заедничка Декларација за регионална соработка и Прилог кон Статутот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, со кои се обврзуваат да ја продлабочат постојната регионална работа, првенствено преку учество во заеднички проекти.