Обраќање на министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска (отворање на изложба во Даут-пашин амам) по повод промовирањето на проектот 110 години од раѓањето на Лазар Личеновски и 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски

Почитувана Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија,

Почитуван Васко Шутаров, претседател на Комисијата за култура при Собранието на РМ,

Почитувани директори на националните установи од областа на ликовната дејност и од образованието,

Почитуван професоре Владимир Георгиевски,

Почитувани љубители на уметноста, Дами и господа,

„Кога сликам во живо ги исклучувам ефектите на сонцето и ја нагласувам изразноста и обликовните можности на бојата“…

Сигурна сум дека повеќето од вас го паметат ова славно искажување на големиот поет на македонскиот пејсаж, најавтохтониот и најавтентичниот ликовен творец од постарата генерација, авторот кој во своите слики, монументални мозаици, фрескоживопис и таписерии оствари основоположничка улога...големиот Лазар Личеновски.

Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што вечерва имаме неповторлива можност да видиме еден важен сегмент од неговото творештво, од  македонската ликовна историја која трпеливо, но моќно низ годините ја испишуваше токму тој, Лазар Личеноски, големиот автор и педагог, експресионистот кој го трасираше патот на македонското сликарство.

За прв пат пред јавноста, со вечерашната изложба откриваме нови дела на Личеновски и повторно ја осознаваме неговата уметничка големина, неговиот индивидуален стил кој ја збогати  македонската културна ризница. Благодарение на непроценливата донација на семејството на великанот, трезорите на Националната галерија на Македонија се збогатуваат со фонд од 160 ликовни дела кои ќе бидат дел од фасцинантната збирка, која содржи непроценливи слики - масло на платно и масло на шперплоча, цртежи и скици, мозаици, графики, икони и други дела. Оваа збирка  претставува вечно сведоштво за интензивните внатрешни чувства, духовноста и немирот на големиот Македонец кој нашата земја на целиот свет му ја претстави во безброј фасцинанти бои и впечатливи пејзажи.

Почитувани присутни,

Творештвото на Лазар Личеноски, првиот и ненадминат уметник што ја откриваше живата и мртвата природа на својот роден крај, претставува врвен репрезент на македонската културна традиција. Со своето дело и со својата исклучителна личност, тој ја внесе Македонија во културната и ликовната мапа на Европа, а неговите достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење.  

Како ученик на познатите Андре Лот и Марсел Леноар, Личеноски и припаѓаше на онаа авангардна група помеѓу двете војни во која активно учествуваат и Владимирски, Мартиновски, Пандилов.

Како автор обработуваше класични мотиви и жанрови, портрет, акт, фигурација, мртва природа..но, Личеновски најмногу ќе го паметиме по неговите пејсажи, по неговите бесценети платна во кои  ја видовме Македонија во безброј бои, небесни бачила од мијачкиот крај, бескрајни полиња со развиорени од ветрот афиони, зрели калинки, чудесни пастрмки...

Почитувани присутни,

Со задоволство ќе забележам дека во годината кога славиме 20 години од независноста на Република Македонија, го одбележуваме и овој  значаен јубилеј,  110 години од раѓањето на големот Личеноски. Во текот на целата година, со поддршка на Министерството за култура, националните установи од областа на ликовната дејност, како и Факултетот за ликовна уметност и средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ преку низа настани, манифестации, колонии и трибини ќе оддадат достојна почит кон импозантното творештво на сликарот и човекот со големо срце и душа, за кого Македонија и Галичник останаа вечна инспирација.

Исто така, сакам да истакнам дека до крајот на годината неговата куќа која беше мал музеј кој го посетуваа голем број пријатели, уметници, музичари, новинари и каде што преку она што го создаваше можевте да ја запознаете Македонија и без да сте ја посетиле, ќе прерасне во вистински музеј во кој ќе биде изложено творештвото кое вечерва се презентира пред македонската јавност.

Министерството за култура на Република Македонија, преку своите институции, и во иднина ќе настојува да ги поддржува ваквите изложби и иницијативи кои, несомнено, се голем придонес во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време.

На крајот би сакала да ја изразам својата голема и искрена благодарност до семејството на Личеноски и посебно до г. Драган Бошњаковски, кој несебично ја почитуваше желбата на големиот уметник, донирајќи ги неговите дела во трајна сопственост на неговата татковина, Република Македонија. Ние вечерва се здобивме со непроценливо богатство и навистина тешко може да се каже, колкав ќе биде нашиот долг кон животот и делото на овој великан, бард на македонската ликовна уметност, мајстор на палетата, поет на бојата, хроничар на македонскиот пејзаж...

Ви благодарам на вниманието.

obrakanje-minister

Фотогалерии

  • 0
  • 1
  • 2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk