Обраќање на Министерот за култура по повод промовирањето на „Грант-инфоцентарот“ во Националната и Универзитетска Библиотека „св. Климент Охридски”

Почитуван г. Миле Бошески, директор на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ Скопје,
Почитуван г. Роберт Кирнаг, амбасадор на Република Словачка во Република Македонија,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство што денеска во новоизградениот дел на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, каде што секојдневно внимателно се заштитуваат адресите на домување на  нашиот јазик, култура и историја, сме дел од промовирањето на уште еден проект кој јасно ја манифестира интенцијата за отвореност и меѓусебна соработка на националните установи од областа на културата во Република Македонија.

„Грант-инфоцентарот”, кој од денеска ќе биде сместен во овој  книжевен трезор што го осовремени Владата на Република Македонија  токму за заштита, обработка и користење на книжните и на другите фондови кои се дел од националното културно наследство, претставува благороден проект поттикнат од потребата за образование, стручна надградба и усовршување на стекнатите знаења и вештини, нешта кои, несомнено, се императив на секое современо општество. „Грант-инфоцентарот“, што го реализира НУБ „Свети Климент Охридски“ во соработка со невладината организација „Млади инфо“, на сите заинтересирани секојдневно ќе им нуди полезни и бесплатни информации  за сите значајни сегменти од образованието, совети за користење на стипендиите, грантови за студирање, студиски престои и истражувања од сите области  кои се застапени на универзитетите во Европа и во светот.

Убедена сум дека базата на Центарот, која содржи извори и линкови за над 8000 универзитети во над 200 земји од сите континенти, ќе биде сериозен поттик за  меѓусебно споделување на информациите и вистинска можност за лично и професионално надградување. Преку реализацијата на овој проект, уште еднаш на дело ќе се потврдат и ефикасноста и нужноста од соработката меѓу граѓанскиот сектор и националните установи и заедничката определба за отвореност кон потребите на младите.

Исто така, ова катче во иднина ќе овозможи поттикнување на процесот на интеграција на македонската академска заедница во меѓународните образовни центри на најтранспарентен начин, а ќе биде и информативен центар и главен поттикнувач на меѓукултурната и образовната размена на знаења и искуства меѓу домашната и меѓународната образовна јавност.

Почитувани присутни,

Министерството за култура срдечно ја поздравува реализацијата на овој проект кој е во контекст на големите заложби  на Владата на Република Македонија за континуирано образование. Несомнено е дека образованието е фундамент на сите развојни процеси во општеството. Токму затоа, на крајот, ќе посакам ова катче да прерасне во силен двигател на образовните текови кај нас преку кој граѓаните ќе имаат можност да ја моделираат сопствената перцепција за  вистинските вредности.

Дозволете ми да ја изразам и мојата благодарност до Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија која ја помогна реализацијата на овој настан.            
Ви благодарам на вниманието!

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk