Обраќање на министерот Алаѓозовски на 50-годишнината од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Голема чест е да се присуствува и говори на еден ваков значаен јубилеј,  кога се одбележува половина век од постоењето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Резултатите од таа педесетгодишна посветена работа се значајни за македонскиот народ, за неговиот идентитет и култура, а и за долгогодишната борба за македонската државност...  

50godini-seminar-mkd-jazik_17_dec_2017_naslovna


За тоа, им оддаваме почит и длабоко им се поклонуваме на сите генерации слависти и македонисти, кои придонесоа и придонесуваат во запознавањето на светската јавност со научните достигнувања во областа на македонскиот јазик, литературата и историјата,  во зближувањето на научниците - слависти и соработката и во поттикнувањето за натамошниот развој на славистичката наука кај нас и во светот. Нивните дела не обврзуваат, а целите на Семинарот остануваат и натаму наши заеднички цели.

Не би сакал да одземам од овој свечен момент осврнувајќи се на славната историја на Семинарот, верувам дека моите соговорници ќе го направат тоа посодржајно од мене.

Наместо тоа, би сакал да ја истакнам посветеноста на  Владата на РМ и на Министерството за култура, заедно со вас да работи посветено на заштита и унапредување на употребата на нашиот јазик.

Во таа насока, неодамна објавивме 11 предлог мерки, на кои работевме заеднички со многумина меѓу вас, а со кои ќе ги развиваме механизмите, институциите и можностите за македонскиот јазик и литература во повеќе сфери. Тоа им го должиме на нашите граѓани и ветуваме дека ќе работиме посветено за остварување на нашите заеднички цели.

Во тие мерки, поконкретно за Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, ги поддржавме вашите идеи и заложби –  тој да прерасне во Македонистички центар, со повеќе функции: организирање на редовна летна школа; стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура; формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум), која би подразбирала помали семинари, кампови, работилници во текот на целата година за сите оние што се заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик како странски, а би работела и на комерцијално ниво и би издавала соодветни сертификати.

Мерките предвидуваат и основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети, формирање Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, активен не само за избраните лектори (за кои ова би било задолжително), туку за сите заинтересирани.

Се предлага и формирање на Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија (летен камп), како и соодветна издавачка дејност. Воедно, се предвидува и Фонд за поддршка на научни дела, академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања.

Во врска со гостувањата на наши истакнати научни работници и уметници на странските универзитети со цел да се афирмира македонскиот јазик и култура, се предлага тоа да се прави преку Годишна програма со определен фонд, чии членови треба да бидат истакнати македонисти, членови на академската заедница, непристрасни и невладини експерти.

Исто така, со мерките се предлага формирање на постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик, кој би бил составен од стручњаци од катедрите за македонски јазик, Институтот, МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори, културни работници од областа на јазикот, педагошки работници. Одборот би ги решавал ад - хок проблемите што се појавуваат во практиката, а за кои нормата не пропишала решенија и би издавал Билтен во кој треба да ги дава на увид на јавноста своите решенија.

Листата на предлог – мерки вклучува и спроведување на сеопфатна јавна расправа за Законот за македонскиот јазик, актуелните законски решенија и предлозите за измени и дополнувања на Законот што ќе произлезат од стручната јавност на таа дебата. Овие дебати и јавни расправи би им дале на институциите дополнителни податоци за перманентно дополнување на оваа програма.

Почитувани, меѓу вас и во вас гледаме силни сојузници за остварување на нашите заеднички заложби. Се надевам дека со овие чекори, со нашите јазични, научни и образовни установи и институции како стожери, ќе продолжиме заедно да чекориме достоинствено по патот кој го трасираа чуварите на нашиот јазик, нашата татковина (како што би рекол Конески). Ви посакувам уште многу успешни години и плодна работа. Благодарам.   

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia