Обраќање на заменик-министерот Владимир Лазовски на прославата на 70 години Македонска опера

Почитувани славеници, почитувани гости; Ми претставува особено задоволство што можам во име на Владата на Република Македонија и Министерството за култура да ја поздравам оваа свеченост, која го надминува вечерашниот уметнички настан и се претвора во средба на генерациите, кои ја обележаа културната историја на македонскиот народ и нашата земја.


lazovski_mob_70_godini

По седум децении градење на една од најважните културни институции за нас, вечерва ќе се дружиме со генерацијата на уметници што со истиот елан, ентузијазам и романтичарски занес ги продолжува традициите на претходните генерации постигнувајќи високи дострели во уметноста. Воедно, Македонската опера слави и 45 години од постоењето на  единствениот фестивал на пошироките јужно европски простори – „Мајските оперски вечери“. Јубилеи, кои заслужуваат длабок наклон и респект.

Оваа историја секако не помина без тешкотии и предизвици. Вечерва меѓу нас има повеќемина кои се сеќаваат на изведбата на првата опера на 9 мај 1947. По таа „Кавалерија рустикана“ која ја понеле некои од основоположниците на класичната музичка култура во земјава, како Скаловски, Кочко, Гајдов, Фирфови, Прокопиев, Ќортошев, Тофовиќ на сцената на тогашниот МНТ, веќе ништо не било исто.

Оперскиот занес завладеал со повоена Македонија, брзо се градел професионализмот, но во одредени периоди, нашите уметници работеа во тешки просторни и кадровски услови, се менуваа генерации, но операта како Феникс постојано се обновуваше, надградувајќи го постојано својот квалитет,  што е перманентна потреба - како на уметниците, така и на публиката.

Министерството за култура ќе биде секогаш тука, со разбирање за постојаните напори на раководството и ансамблите на оваа значајна институција да опстојат на даските што живот значат, но и со суштинска поддршка за остварување на нивните несомнени креативни потенцијали, преку воспоставување на стратешки механизми на перманентна поддршка на квалитетните проекти. И понатаму, ќе ги помагаме сите меѓународни активности на Македонската опера и балет, кои се од големо значење за македонската култура во целина и овозможуваат промовирање на нашата култура во светот но и одржување на чекорот со современите уметнички трендови.

Ве поканувам вечерва со аплаузи да ги поздравиме и да ги наградиме нашите славеници од сите генерации, кои се втемелија во седумдецениското постоење на Македонската опера. На актуелните и на идните генерации - да им посакаме да бидат достојни на оваа традиција и да жнеат уште многу  успеси пред публиката која интензивно, сите овие години беше вистинската и најголемата поддршка и мотив за уметникувањето на сцената на МОБ. 

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia