Експозе на министерот за култура за предлог-законот за измена и дополнување на Законот за култура, дадено седницата на Собранието на РМ одржана на 01.08.2017

Почитувани,

Законот за културата е донесен во 1998 година како основен закон во културата и оттогаш е повеќе пати менуван, но оценката од досегашна примена на Законот и настанатите проблеми во неговото имплементирање, упатуваат на негово итно менување од следниве причини:

1. Со измените на Закон за културата во 2011 година се овозможи на пензионираните уметници кои согласно со Законот за државните награди се добитници на некоја од државните награди за областа на културата: „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“, за долгогодишни остварувања во културата и уметноста или за животно дело, да се стекнат со право, покрај пензијата, да добијат и месечен паричен надомест од средства на Буџетот на РМ преку Министерството за култура, во висина на разликата меѓу нивната пензија и највисоката пензија во Република Македонија во претходната година. Ова право им е дадено до крајот на животот.

Во моментов, ова право го остваруваат 66 уметници.

Во Буџетот на Република Македонија за 2017 година, за оваа намена биле предвидени средства во износ од 11.400.000 денари, а како основа е земена највисоката пензија исплатена во 2015 година во Република Македонија во износ од 38.394,00 денари. Деновиве од Министерството за труд и социјална политика е добиен податок дека највисоката пензија исплатена во Република Македонија во 2016 година изнесува 47.873,00 денари. Ова предизвика дополнителни фискални импликации во Буџетот на Министерството за култура, во износ од  7.331.000 денари, што треба да се обезбедат со ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2017 година. Се очекува дека секоја наредна година ќе се зголемуваат средствата потребни за остварување на оваа законска обврска.

Заради надминување на се поголемите зафаќања од Буџетот за оваа намена, наспроти затекнатите неповолни состојби во културата и висината на платата на вработените во одделни делови на културата, особено во областа на заштитата на културното наследство, музеите и библиотеките, се предлага со измените на Законот да се утврди месечниот надоместок на пензионерите да се пресметува како разлика од остварената пензија до фиксен износ од 38.500 денари, кој е на ниво на исплатениот надоместок на пензионерите во декември 2016 година, наместо како до сега износот да се пресметува како разлика од остварената пензија до највисоката исплатена пензија во Република Македонија, во претходната година.

На пензионерите кои го оствариле ова право до донесување на Предложениов закон, ќе им продолжи правото и понатаму.

Исто така, се предлага и добитниците на наградата „11 Октомври“ за едногодишни остварувања во уметноста, од 1959 до 1987 година, да можат да добијат право на месечен надомест како и другите пензионери добитници на државните награди, односно да се даде правна основа за нивен еднаков третман со другите добитници на оваа државна награда.

3. Со измените на Законот за културата во 2014 година, се утврдило дека е потребно склучување менаџерски договори меѓу министерот за култура и директорот на националната установа, веднаш по неговото именување. Менаџерскиот договор треба да содржи показатели на успешност што треба да ги оствари директорот и договорни казни за неисполнување на обврските од договорот. Имајќи предвид дека ова законско решение не се применува и не придонесе во ефективноста и ефикасноста во раководењето на националните установи, напротив, стана пречка за ефикасно следење на успешноста на директорите на националните установи за култура и преземање на соодветни мерки во случај на утврдување на неправилности во нивната работа, се предлага бришење на одредбата со која се утврдува склучување на менаџерски договор меѓу министерот за култура и директорите на националните установи од областа на културата.

4. Друга измена што се предлага е во врска со измените на Законот во 2014 година, кога се регулираше дека директорите на националните установи треба на секои шест месеци до министерот за култура да доставуваат извештај за финансиското работење на националната установа и извештај за остварувањето на годишната програма за работа на националната установа. Беше утврдено дека доколку директорот не ја остварува годишната програма за работа на установата или има финансиски загуби во работењето, да му се остави можност во следните шест месеци да ги отстрани недостатоците и загубите во работата. Ваквиот законски рок остава можност директорот да оствари дополнителни загуби во работата, што негативно се одразува на квалитетот на целокупното работење на установата, а во пракса, со менаџерските договори биле склучувани со уште поголеми рокови и мерки кои се несоодветни на целта на законските одредби.

Од наведените причини, се предлага рокот во кој директорот треба да ги отстрани недостатоците и загубите во работата, да го определи Министерството за култура во зависност од случајот и сериозноста на проблемите, но не подолго од 6 месеци.

5. На крајот, со Законот за културата се предлага да се утврдат и прекршоци за директорите и одговорните лице во субјектите на надзор, доколку на барање на инспекторите за култура не ги обезбедат сите акти, со цел за утврдување на целокупната состојба во работењето на установите и останатите субјекти кои подлежат на инспекциски надзор од областа на културата, како и номо-техничко подобрување на одредбите за да се унапреди вршењето на инспекцискиот надзор на Законот.

***

Почитувани пратеници, имајки го предвид фактот дека се исполнети условите од членот 170 алинеја 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, дека не се работи за сложен и обемен закон, а со неговото донесување ќе се намалат финансиските обврски по основ на исплатата на надоместоци на пензионерите кои се добитници на државни награди за култура, ќе се обезбеди поефикасна примена на Законот во делот на работата на директорите на националните установи и поголема ефикасност во вршењето на инспекцискиот надзор, се предлага Предлог на законот да се донесе по скратена постапка.

kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk