Обраќање на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отварањето на Спомен–куќата на Тоше Проески во Крушево

Денеска повторно се навраќаме на ликот и делото на овој млад човек кој ја задолжи македонската нација со непроценливото музичко наследство што ни го остави како аманет.

Почитувано семејство Проески,

Почитуван г. Трајко Вељановски, претседател на Собранието на РМ,

Почитуван г. Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија,

Ваше Блаженство архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква,

Почитуван г. Василчо Дамчевски, градоначалник на Крушево,

Почитуван г. Андреј Николоски, директор на меѓународната фондација „Тоше Проески“,

Почитувани министри во Владата на РМ,

Почитувани пратеници во Собранието на РМ,

Ваши екселенции,

Почитувани граѓани на Крушево,

Почитувани присутни,

Дозволете ми да го изразам моето задоволство што денеска, на најголемиот христијански празник Велигден, повторно сме соединети со вербата во Бога, со љубовта кон луѓето, со хуманоста  и милосрдието, со сите атрибути што ги носеше во срцето нашата музичка икона, нашиот Тоше  Проески. Денеска повторно се навраќаме на ликот и делото на овој млад човек кој ја задолжи македонската нација со непроценливото музичко наследство што ни го остави како аманет. Пораките на неговите песни, искреноста со која ги интерпретираше, допреа со брзината на мислата до сите генерации.  Неуморно ги вградуваше човечките доблести во современата македонска музика  наметнувајќи се себеси, не како ѕвезда, туку како пријател кој  во секој од нас го препознаваше најдоброто.

Придонесот на Тоше Проески во културниот поезис на Република Македонија е импозантен, обврзувачки и инспиративен за сите, а денешниот Велик празник е вистински миг скромно  да започнеме да му  благодариме за сите заложби со кои успеа да ја афирмира нашата држава со достоинство, со љубов и посветеност.

Почитувани присутни,

Спомен–куќата на Тоше Проески  што ја промовираме денеска е инвестиција во иднината на македонската култура и е гест на признание, гест на благодарност од сите граѓани на Република Македонија.

Таа е нов простор во кој предметите допрени од неговиот живот  ќе му се спротивстават на заборавот, со енергијата која ова архитектонско здание  сака и може  да ја пренесе искрено, како што тоа го правеше Тоше. Спомен-домот ја изразува неговата личност и делата што ни ги остави зад себе. Крстот, симболот на верата, лебди над синилото и немирот од стаклени површини кои ја потенцираат кршливоста на човековиот земен живот. Вечноста на делата од Тоше симболично е претставена со бетонскиот паспарту како бедем заштитник од времето, а водата, која е дел од пејзажната архитектура на овој проект, е симбол на чистината и животот со кој зрачеше нашиот Тоше.  

Музејската поставка на Спомен-куќата на Тоше Проевски обезбедува хронолошки  приказ на  неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера и таа е збогатена со 350 автентични експонати кои се сопственост на семејството Проески.

 Во објектот се застапени многу содржини за посетителите: молитвеник со сите верски предмети што ги поседуваше Тоше, презентација на неговото студио во кое музицираше и ги создаваше најубавите песни за својата публика, реплика на дневната соба од неговиот дом во Крушево. Неизоставен сегмент од музејската поставка се двете восочни фигури на Тоше во природна големина. Едната е во стоечка позиција – Тоше, со микрофон во рацете, во неговиот препознатлив став при пеењето, а другата е во неговото музичко студио – седнат на клавирот сам со своите мисли, компонирајќи музика.

Целиот објект е опремен со најсовремена техника и е илустриран со музиката на Тоше, заедно со предвидените визуелни ефекти преку ЛЦД-екрани на кои постојано ќе се емитуваат концертите и спотовите на нашата музичка легенда. За неговите најверни обожаватели, најмладите, предвидени се и посебни пунктови на кои секој ќе може да ја преслуша, по избор, музиката на својот идол. Следејќи ги најновите технолошки достигнувања, покрај неколкуте инфо-точки со екрани осетливи на допир каде што ќе може да се добијат сите информации поврзани со Тоше, ќе биде застапен и таканаречен систем за дигитален отпечаток, стаклено платно осетливо на допир на кое ќе се проектира соодветна интерактивна содржина и информација по желба на посетителот. Објектот содржи и кафетерија за посетителите од која се протега навистина убава панорама на градот Крушево и Македониумот, како и сувенирница неопходна за ваков тип објекти во која ќе се продаваат реплики од предметите на Тоше. Еден од најефектните детали на Спомен-куќата е  илуминацијата која ја нагласува визурата на објектот и која е особено импозантна во вечерните часови кога целосно може да се види крстот како главен мотив на објектот и симбол на Тоше како голем верник. Пејзажната архитектура на Спомен-куќата е разубавена со зелена градина и хортикултурно уредување на просторот. Во неа, се разбира,  посебно место има едно црешово дрво, кое е симбол на искреноста која Тоше постојано ја бараше во луѓето.

Околината со амфитеатарот на објектот е наменета за одржување собири, но и за одмор и релаксација на посетителите. Тргнувајќи од желбите и навиките на обожавателите на Тоше, по целата должина на локацијата е предвиден и ѕид на кој секој посетител ќе може да остави порака или мисла за својот идол.

Почитувани присутни,

Сигурна сум дека за посетителите од целиот Балкан, од денеска, оваа Спомен-куќа ќе биде  новото духовно прибежиште во кое подобро ќе можат  да го осознаат изворот од кој Тоше го црпеше својот  духовен мир и ќе можат да се запознаат со запишаните размислувања или животните филозофии шо го водеа низ животот.

Дозволете ми во оваа пригода да ги поздравам сите оние што неуморно работеа врз реализацијата на овој капитален проект за македонската културна историја: голема благодарност до архитектите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски; изведувачот на градежните работи „Конструктор инженеринг” од Сплит и неговите подизведувачи „Прототип“, „Вис-инвест“, „ЕЛСА’Д“, „КОДИ“, „Кратер“, „Крин“; изведувачот на ентериерот „Дизајн фантазија“; изведувачот на хортикултурното уредување „Флорастат“, Друштвото за инженеринг „Евро консалтинг“ што го вршеше надзорот над градбата; ревидентот и консултант „НЕИМАР Инженеринг“, сите проектанти, урбанисти од фирмата „Инпума“ и од Одделението за урбанизам при општина Крушево; градоначалникот на општина Крушево, Министерството за транспорт и врски; до сите стручни лица од Музејот на Македонија кои дадоа особен придонес во обликувањето на музејската поставка  и до Специјална опрема Скопје која ги донираше двете восочни фигури. Благодарност и до ЕВН, до многуте пријатели, познајници на Тоше, случајни добронамерници кои во текот на изградбата на овој објект покажаа интересирање и желба волонтерски да помогнат и да го дадат сопствениот придонес во изградбата на Спомен-куќата. Особена благодарност упатувам до вработените во Министерството за култура кои пожртвувано ја вградија својата стручност и знаење во финалната реализација на овој објект. 

Дозволете ми со должно внимание да го поздравам и големиот придонес на меѓународната фондација „Тоше Проески“ и, секако, семејството кое нам..., на Македонија ѝ го даруваше Тоше...Ви благодариме што го сторивте тоа за Тоше...

Почитувани присутни,

Да можеше во овој момент да ни се обрати Тоше, сигурно ќе кажеше...„Ве сакам сите“... Тоше е тука и секогаш ќе живее во нашите срца, со ведрата насмевка, со својата добрина, со својата музика..

Ви благодарам!
kultura_logo_2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk