Обраќање на Министерката за култура на прес конференцијата по повод свеченото промовирање за јавноста на Спомен-музејот „Спомен-куќа на Тодор Проески

На 25 април, вториот ден од Велигден, во 13 часот, на Гумење во Крушево свечено ќе биде промовиран  и отворен за јавноста Спомен-музејот „Спомен-куќа на Тодор Проески“.

Почитувани претставници на средствата за јавно информирање,

Ми претставува особена чест и задоволство, на денешната прес конференција да ви соопштам дека на 25 април, вториот ден од Велигден, во 13 часот, на Гумење во Крушево свечено ќе биде промовиран  и отворен за јавноста Спомен-музејот „Спомен-куќа на Тодор Проески“.

Монументален по големина, еквивалентен на делото на Тоше Проески, Спомен-домот претставува  алузија на неговата животна филозофија. Целокупната композиција и опкружување на Спомен-куќата со својата материјализација  ја изразува  личноста на Тоше Проески и делата кои тој ни ги остави зад себе: крстот како симбол на неговата искрена верба во Бога, цврстината, едноставноста и долговечноста на бетонот како симбол на неговиот лик и дело,  стаклото како симбол на човековата минливост и ранливост и водата која ќе биде дел од пејсажната архитектура на овој проект, како симбол на чистината и животот со кој зрачеше нашиот Тоше.

Објектот се простира на површина од околу 870 метри квадратни и има форма на крст, по  идејното решение кое ја доби првата награда на објавениот меѓународен конкурс и е дело   на архитектите  Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски.  Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на авторите и се разбира на архитектите кои беа во комисијата за избор на идејното решение.

Музејската поставка на Спомен куќата на Тоше Проески  обезбедува еден хронолошки  приказ на  неговото детство, на  тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера и истата е збогатена со 350 автентични експонати кои  се сопственост на семејството Проески.

Во централниот дел од објектот се наоѓа молитвеник со сите верски предмети што ги поседуваше Тоше, како и неколку негови запишани размислувања или животни филозофии кои го водеа низ животот, а се поврзани со вербата, љубовта, семејството, пријателството. 

Од другите предвидени содржини на поставката особено интересна е презентацијата на неговото студио во кое музицираше и компонираше и на дневната соба на Тоше од неговиот дом во Злокуќани.

Неизоставен сегмент се и двете восочни фигури на Тоше во природна големина. Едната е во стоечка позиција - Тоше, со микрофон во рацете, во неговиот препознатлив став при пеењето, а другата е во неговото музичко студио - седнат на клавирот сам со своите мисли компонирајќи музика.

Целиот објект е опремен со најсовремена техника и е илустриран со музиката на Тоше, заедно со предвидените визуелни ефекти преку ЛЦД-екрани на кои постојано ќе се емитуваат концертите и спотовите на нашата музичка легенда.  Следејќи ги најновите технолошки достигнувања, покрај неколкуте инфо-точки со екрани осетливи на допир каде што ќе може да се добијат сите интересни информации поврзани со Тоше, ќе биде застапен и таканаречен систем за дигитален отпечаток кој претставува стаклено платно со димензии 2х2 м, осетливо на допир, на кое ќе се проектира соодветна интерактивна содржина и информација по желба на посетителот.

Објектот содржи и кафетерија за посетителите,  која е поврзана со горното ниво преку тераса и повеќе висински платформи од кои се протега навистина убава  панорама на градот Крушево и Македониумот како и сувенирница неопходна за ваков тип објекти, во која ќе се продаваат реплики од предметите на Тоше.

Еден од најефектните детали на Спомен-куќата е и илуминацијата со која ќе се нагласи визурата на објектот. Во вечерните часови целосно ќе може да се види и крстот како главен мотив на објектот и симбол  на Тоше како голем верник. Пејсажната архитектура на објектот  е разубавена и со зелена градина и хортикултурно уредување на просторот.

Околината со амфитеатарот на објектот е наменета за одржување собири, но и за одмор и релаксација на посетителите. Тргнувајќи од желбите и навиките на обожавателите на Тоше, по целата должина на локацијата е предвиден и еден ѕид на кој секој посетител ќе може да остави порака или мисла за својот идол.  Во овој парк посебно место има  едно црешово дрво, кое е симбол на искреноста  која Тоше постојано ја бараше во луѓето.

Почитувани новинари,

 Спомен – куќата на Тоше Проески на  Гумење ќе биде местото каде што ќе бидат зачувани хуманоста, високите човечки квалитети и уметничките вредности на Проески и на достоинствен начин ќе се одбележи споменот на оваа наша музичка легенда.

Изградбата на Спомен-куќата на Тоше Проески е искрена благодарност и придонес  на сите нас,  граѓани на Република Македонија во негувањето на  неговиот лик и дело.

Во изминатиот период, Владата на Република Македонија и Министерството за култура вложија многу напори и енергија за целосно завршување на овој објект, а сакам да изразам уверување дека и во иднина  ќе бидеме отворени за поддршка на проектите што се поврзани со негувањето на споменот за Тоше Проески.

На крајот сакам да ве информираме дека на промоцијата  на Спомен куќата на Тоше Проески се поканети голем број на гости, многу фанови и почитувачи на Тоше, како и сите министри за култура од регионов.

Во музичкиот дел ќе настапат Раде Шербеџија, Влатко Стефановски и хорот Света Злата Мегленска.

Ви благодарам за присуството и сакам да ве поканам,  на 25 април, во 13 часот сите заедно да бидеме во Крушево на промоцијата на Спомен-куќата на Тоше Проески!
obrakanje-minister

Фотогалерии

  • 0
  • 1
  • 2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk