Обраќање на министерката за култура на Саемот на книгата по повод промовирањето на првите 10 наслови од проектот „130 тома македонска книжевност“ преведени на англиски јазик

Почитуван г. Миле Бошески,директор на Националната и универзитетска библиотека Свети Климент Охридски Скопје,

Почитувани писатели, преведувачи, автори,

Драги гости,

Дами и господа,

Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што денеска, на 23 издание на Саемот на книгата во Скопје имаме чест да ги промовираме првите десет изданија на капиталниот проект на Владата на Република Македонија и Министерството за култура „130 тома македонска книжевност – превод на англиски јазик“. Денес на сите љубители и почитувачи на пишаниот збор надвор од Република Македонија им   даруваме мигови за толкување на пораките од пишаните мозаици на македонското литературно творештво, од сите жанрови и од сите генерации македонски  творци и двигатели кои сведочат за развојните процеси на македонската литературна, културна и национална мисла, писатели чиј развој е еквивалентен на неколку значајни и неодминливи фази во развојот на современата светска литература.

Почитувани присутни,

Реализацијата на овој значаен капитален потфат претставува надоврзување на проектот „130 тома македонска книжевност“ кој како репрезентативен избор на македонско  литературно творештво целосно го промовиравме во текот на 2009 година. Проектот кој ја прикажа богатата и слоевита слика на нашите високи и неоспорни книжевни вредности, денес е составен дел од библиотеките, научните и образовните установи во земјава, а постителите на годинашното саемско издание драгоцените примероци можат да ги погледнат и на штадот на Министерството за култура.

Преку реализацијата на овој најнов проект, преводот на едицијата 130 тома македонска книжевност на англиски јазик,  светската читателска јавност ќе биде соочена со спецификите на македонските книжевни вредности, создавани од самите почетоци на македонската книжевна продукција, преку просветителството и основоположниците на поновата македонска литература, па се до најзначајните дела кои денес во светски рамки го градат достоинството на современата македонска литература.

Почитувани присутни,

Недвосмислени се заложбите на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура кои реализираат  фундаментални проекти  што остануваат како вредни артефакти во македонската книжевна историја.

Тоа се крупни чекори со кои  ја одразуваме нашата свест и чувството за валоризација на вистинските вредности, ја потврдуваме нашата долговечност како култура која знае да ги почитува  вистинските вредности, која знае да ги негува, да ги потврдува и да ги афирмира високите литературни дострели со  предзнакот - создадени во Република Македонија.

Проектот за превод на делата од едицијата Македонска книжевност на англиски јазик, чија реализација се одвива преку Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски”, и кој во целост ќе биде завршен и промовиран во текот на јуни годинава претставува исклучително ретка можност за афирмација на македонската култура и литература и нејзина поголема достапност до пошироката културна јавност од англиското јазично подрачје.

За прв пат во еден ваков обем, со темелна подготовка и со ангажман на севкупните потенцијали и капацитети на македонската преведувачка елита се пристапува кон превод, препев и презентација на целокупната богата македонска книжевна продукција. Во овој контекст, сакам да го поздравам и денешното присуство на преведувачите од „Конгресен сервисен центар“ кои се вклучени во реализацијата на овој мошне значаен проект.

Почитувани,

Убедена сум едицијата ќе стане составен дел и од фондот на националните светски библиотеки, со што на целата светска јавност, на англиски јазик, ќе и биде достапен репрезентативен избор на најдоброто од македонската книжевност. Исто така се надевам дека издавањето на овој проект ќе поттикне нови слични потфати и релации кои ќе го продолжат ефектот на афирмација и достапност на македонската литература во светот и можност за побрза интеграција во светските книжевни современи текови.

Ви благодарам на вниманието!

obrakanje-minister

Фотогалерии

  • 0
  • 1
  • 2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk