Алаѓозовски во Гдањск: Национализмот и авторитаризмот – главни ризици за заедничката европска иднина

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, вчера во Гдањск, Република Полска, беше еден од главните излагачи на 6. Европски форум на тема „Европа – поглед кон иднината“, кој го организираше Европскиот центар за солидарност и Градот Гдањск од 28 до 30 мај. Тој вчера оствари средби и со градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, како и со иконата на демократијата, легендарниот водач на Солидарност, нобеловец и поранешен претседател на Р.Полска, Лех Валенса, на која разговараа за актуелните состојби во Македонија и регионот и глобалните политички и демократски предизвици...


gdansk_konferencija_foto_naslovnaaaa

На 6. Европски форум на тема „Европа – поглед кон иднината“, кој се одржа во Гдањск, Р.Полска изминатите два дена, учествуваа истакнати политичари, активисти, граѓански организации, стручњаци и културни работници од цела Европа. Министерот Алаѓозовски, кој на покана на Европскиот центар за солидарност и Градот Гдањск учествуваше на настанот и беше еден од главните говорници на конференцијата, во неговото излагање пред присутните истакна дека национализмот и авторитаризмот се главни ризици за заедничката иднина на Европа.

„Таквите тенденции се видливи и во многу земји на ЕУ, Недостатокот на политички одговори и решенија од областа на економијата, вработувањето, животниот стандард, животната средина итн., обично се компензира со разгорување на националистичките наративи, изолационизмот и поттикнување на страв и омраза од и кон "другиот" (страв од различна политичка идеологија, различна етничка припадност, религија, страв од имигранти, Русија, Кина, САД ...). Во јавната дискусија доминира во јазикот на немилост, на навреди и страв. Овој јазик не прави никакви чекори напред, туку останува тесен и згрчен. Ние сме заглавени во јазикот на стравот и ограниченоста, јазик кој не ја признава политиката на пријателство, туку политика на кадифена но постојана војна и вонредна состојба. Овој јазик не може да "произведе" слободна мисла, слободни слики - само произведува јами исполнети со жив песок на бесмислени политики во кои се давиме“, оцени Алаѓозовски, објаснувајќи ги неговите тези низ примерите од авторитарното владеење во Македонија во последната деценија.

gdansk_konferencija_foto_1

Заедничката иднина на Европа, Алаѓозовски ја гледа во интензивната меѓусекторска соработка - хоризонталната соработка и интеграцијата на културата со другите секторски стратегии, како неизбежни за културниот развој и социјалната кохезија. „Поддршката и промоцијата на културната разновидност и разновидноста на културното изразување, културниот плурализам, поддршката и промовирањето на меѓукултурниот дијалог, институционалната размена и градење на капацитетите, активното граѓанство, развојот на публиката, решавање на проблемите на недозволена трговија со културни добра, авторските права и сл., се предизвици кои нè доближија во заедничка соработка во насока на придонес кон развојот на нашиот регион и Европа како една целина“, порача Алаѓозовски.

Пред настапот на конференцијата, министерот Алаѓозовски оствари срдечна средба и со градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, некогашен истакнат студентски лидер кој е речиси 2 децении и 4 мандати ја добива довербата на граѓаните на овој европски политички, активистички и културен центар.

Адамович и Алаѓозовски изразија задоволство од одличните македонско - полски релации, а разговараа и се заложија за остварување на конкретна соработка, особено во културната размена и интензивирање на регионалната балканско – балтичка културна соработка.  

gdansk_konferencija_foto_gradonacalnik

На маргините на конференцијата министерот Алаѓозовски оствари средба и со Лех Валенса, поранешен претседател на Република Полска, добитник на Нобеловата награда за мир и водач на демократските промени во оваа земја во 80тите и 90тите години.

Алаѓозовски го запозна со актуелната политичка ситуација во Македонија, демократските промени кои се случија пред една година и чекорите на новата влада во насока на консолидација на демократските процеси и враќање на земјата кон евроатланските интеграции. Валенса се интересираше за деталите околу решавањето на спорот со името и развојот на добрососедските односи.   Тој ги поздрави напорите на Република Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ и рече дека Европската унија мора да го обедини целиот европски регион, да развие поблиски односи со САД доколку сака да ги преброди успешно предизвиците на глобализацијата.

alagjozovski_valensa_30_maj_2018_foto_1

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia