Фосил од слон стар околу осум милиони години, палеонтолошко откритие во Долни Дисан

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски денес го посети локалитетот во близина на Долни Дисан, Неготинско, каде се пронајдени фосилни остатоци од изумрен слон од пред околу осум милиони години. Според првичните согледувања, најверојатно станува збор за остатоци од 50-годишно животно, тешко околу 10 тони...

otkritie_slon_disan_24_april_2018_naslovna

При денешната посета на локалитетот, министерот Алаѓозовски разговараше со екипата на Природонаучниот музеј од Скопје и нивните колеги истражувачи од Бугарија, кои во меѓусебна соработка го открија овој голем палеонтолошки наод.

„Македонија има неколку исклучително ретки наоди и ова е едно од поспектакуларните откритија. Тоа ја сместува Македонија и на палеонтолошката мапа на Европа и светот и драго ми е што ние имаме капацитет вакви наоди, прво научно да ги истражиме, а потоа да ги ставиме на увид на јавноста, со што нашите музеи, особено специфичноста на Природонаучниот музеј, добива на значење“, истакна Алаѓозовски, кој воедно информираше дека Министерството за култура ќе ја поддржи и понатамошната работа на овој вреден тим на истражувачи и ќе ја овозможи сета понатамошна обработка и презентација на материјалот.

otkritie_slon_disan_24_april_2018_foto_1

Според Билјана Гаревска од Природонаучниот музеј од Скопје, се работи за фосилен остаток на еден од предците на слоновите, род што е општопознат во Македонија и во Европа, но интересно е тоа што за првпат се пронајдени повеќе коски од истиот вид на исто место. „Се работи за две коски од екстремитети и катници. Катникот ни дава можност да дознаеме за староста и возраста на животното и останати коски кои дополнително ќе треба да ги доизвадиме. Пронајдокот е од пред осум милиони години, според геолошката карта“, објасни Гаревска.

Николај Спасов, професор на Бугарската академија на науките и директор на Националниот природоначуен музеј при Бугарската академија, кој е дел од екипата истражувачи, посочи дека ова е едно најинтересните палеонтолошки откритија од доцниот миоцен на Македонија, кога природата на Балканот била многу поблиску до африканската фауна. „Се радуваме, бидејќи ја направивме првата експедиција на Музејот на Македонија и на Националниот Природонаучен музеј на Бугарија при БАНУ и горд сум што успеавме да го направиме ова“, рече Спасов.

otkritie_slon_disan_24_april_2018_foto_2

Методија Велевски, в.д. директор на Природонаучниот музеј нагласи дека идејата е до крајот на годината овој наод да биде изложен во постојаната изложба на Природонаучниот музеј. „Тоа не е ни малку лесна работа. Материјалот е многу ронлив и ќе биде потребно многу време да се состават повторно тие фрагменти, да се заштитат, да се подготви практично презентација и промоција на овој настан“, објасни Велевски.

Палеонтолошките екипи од Природонаучниот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј во Софија, последните неколку дена започнаа со ископување на фосилните остатоци од изумрен вид на слон (Choerolophodon pantelici). Тие беа откриени при заедничката теренска работа кај селото Долни Дисан во 2017 година. Досега откриените коски укажуваат дека се работи за зачуван значаен дел од скелетот на слонот. Според мислењето на стручниот тим, се работи за наод со големо научно значење. Фосилни остатоци од овој вид на слон се најдени на повеќе локалитети во Македонија и ширум Евроазија, но комплетен скелет од ова животно досега не и е познат на науката. Ова го прави наодот уникатен во светски рамки, затоа што ќе одговори на повеќе прашања за изгледот и начинот на живот на овој предок на денешните слонови.

otkritie_slon_disan_24_april_2018_foto_3

otkritie_slon_disan_24_april_2018_foto_4

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia