Се прославува Светскиот ден на книгата и на авторското право

Во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, денеска во пријатна атмосфера со бројни гости од сферата на литературата и библиотекарството, се одржа централна прослава за одбележување на Светскиот ден на книгата и на авторското право. Македонската порака годинава ја испрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој рече дека денес го славиме медиумот кој векови наназад овозможува пренесување на универзалните знаења и искуства.  „На овој ден, човештвото ја слави слободата, но и борбата за слобода и еманципација во исто време. Во таа вечна борба, книгата е еден од најважните столбови на слободата, човековото себепознавање и слободно изразување и комуницирање“, истакна министерот Алаѓозовски.

svetski_den_na_kniga_2018_foto_naslovna

„Книгите се сведок на времето, на човечките капацитети и напори да создаваат реални и имагинарни светови и да им пренесуваат на луѓето пораки за богатството на животот, меѓусебното разбирање и толеранција. Книгата е мисионер на светлината на знаењето, симбол на цивилизациската надеж, стремеж за напредок и дијалог што треба да го негуваме и браниме како суштина на човековото постоење“, вели во својата порака Алаѓозовски.

Во македонската порака за Светскиот ден на книгата, Алаѓозовски нагласи дека книгите го отвораат патот кон заедничка почит и разбирање меѓу народите, независно од границите и различностите. Книгите во сите форми го олицетворуваат човечкиот гениј, му даваат реално богатство на човечкото искуство, вербализирајќи ја потрагата по смислата на човековото  постоење и потребата за слободно себеизразување, која е заедничка на сите луѓе во сите општества. „Годинава, кога Светска престолнина на книгата е Атина, наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање на заеднички вредности и подобра заедничка иднина“, порача Алаѓозовски.


svetski_den_na_kniga_2018_foto_5_alagjozovski

Централната прослава во НУБ „Св.Климент Охридски“ беше збогатена со програма што ја подготвија студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од Факултетот за драмски уметности, од Факултетот за музичка уметност, Институтот „Конфуциј“ при УКИМ и Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје. Во оваа прилика, свое обраќање имаше и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера. На свеченоста беше прочитана и светската порака што годинава ја испрати Генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле.

„Со славење на книгата ние ги славиме: пишувањето, читањето, преведувањето, издавањето со кои човекот се издигнува и се реализира;  ние всушност фундаментално ја славиме слободата која нив ги овозможува. Кај книгата се испреплетуваат едни од најважните човекови слободи: слобода на изразувањето и на објавувањето. Овие слободи се фрагилни слободи. Тие се соочени со многу предизвици, од преиспитување на авторското право и на културната разноликост преку закани за физички напади врз авторите, новинарите и издавачите во многу земји, па се до нивно газење при нападите на училишта и уништувањето на ракописи и на книги. Наша должност е да ги штитиме овие слободи насекаде низ светот, да го промовираме читањето и пишувањето, да се бориме против неписменоста и сиромаштијата и да ги зајакнеме фундаментите за мир, но и да ги заштитиме и да ги истакнеме занаетите поврзани со книгата и со нејзините креатори“, се вели во пораката на Генералниот директор на УНЕСКО.

svetski_den_na_kniga_2018_foto_4

По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право, НУБ „Св.Климент Охридски“ подари книги на здружението за самохрани мајки „Една може“, на Центарот за социјализација на возрасни лица при Општина Центар и на Казнено-поправната установа Затвор –Скопје. Светскиот ден на книгата и на авторското право со посебни настани го одбележуваат НУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола, Тетовската библиотека, библиотеките  „Гоце Делчев“ во „Григор Прличев“ од Охрид, Центарот за култура  во Крива Паланка, како и библиотеката при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино.

svetski_den_na_kniga_2018_foto_1

svetski_den_na_kniga_2018_foto_3

svetski_den_na_kniga_2018_foto_2

ег

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia