Македонија со посебна годишна програма за Европската година на културното наследство 2018

Под мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“, денеска во ЕУ Инфоцентарот во Скопје, беше презентирана и лансирана годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018.  За деталите на програмата и аспектите на одбележување на оваа година на национално и европско ниво говореа директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова – Митевска, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар...

Alagjozovski_Godina_na_Evropsko_kulturno_nasledstvo_31_jan_2018_foto1

Со програмата што е изготвена од Управата за заштита на културното наследство, Република Македонија се придружи на семејството настани, кои ќе се одржат на европско ниво во склоп на оваа иницијатива во текот на целата година. Богатата национална програма ќе се одвива под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност!“. Програмата ќе се реализира со финансиска помош од Министерството за култура на Република Македонија и со сопствени буџетски и човечки ресурси на Управата за заштита на културното наследство.

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски го истакна задоволството од иницијативата Република Македонија да им се придружи на земјите - членки на Европската Унија во прославувањето и одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018.

,,Еден од врвните приоритети на Министерството за култура на Република Македонија е културното наследство, негова заштита и промовирање на неговите европски вредности, а начелото за европеизација на македонскиот културен контекст е едно од клучните во новата стратегија за културен развој“, рече министерот Алаѓозовски. Тој  потенцираше дека Министерството за култура во целост ќе ја поддржи Управата за заштита на културното наследство во спроведувањето на активностите во рамките на Годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство, препознавајќи ги бенефитите кои ќе произлезат од нивната реализација за севкупниот општествен контекст.

Alagjozovski_Godina_na_Evropsko_kulturno_nasledstvo_31_jan_2018_foto_2

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, официјално го означи почетокот на прославувањето на Европската година на културното наследство во Република Македонија во партнерство со Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. „Во текот на 2018 год., низ цела Европа ќе се прославува разновидното културно наследство. Се надеваме дека активностите организирани во рамките на Европската година на културното наследство ќе охрабрат повеќе луѓе да го откриваат и да се вклучат во културното наследство на Европа, со цел да го зајакнат своето чувство на припадност на заедничкиот европски простор“, рече амбасадорот Жбогар во неговото обраќање.  Тој исто така најави дека Европската Комисија развила концепт наречен „Рути за културно наследство ЕУ - Западен Балкан“, во чии рамки Делегацијата на  ЕУ поддржа 12 проекти со помали грантови кои ќе се вклучат во одбележувањето на Европската година на културното наследство низ земјава.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова - Митевска, посочи дека сите предвидени активности и настани се дел од законските обврски и надлежности на Управата, а една од клучните цели на годинашната програма, ќе биде и доближување на работата на Управата до пошироката јавност и до граѓаните, со цел јакнење на граѓанската свест за значењето на културното наследство. Таа нагласи дека преку промовирање на европските вредности, стандарди и нови текови во заштитата на културното наследство, Управата за заштита на културното наследство ќе даде и свој придонес кон општата цел на Република Македонија – приближување до Европската Унија.

Во вториот дел од настанот, м-р Кристина Бицева, советник во Управата за заштита на културното наследство и координатор на програмата, детално ги презентираше планираните настани и активности во текот на 2018 година во рамките на оваа програма и соопшти дека во програмата се вклучени активности кои ги следат клучните теми на Европската година на културното наследство: вклученост, одржливост, зачувување и иновација, а кои се однесуваат на сите видови културно наследство во Република Македонија - недвижно, движно и нематеријално.

Alagjozovski_Godina_na_Evropsko_kulturno_nasledstvo_31_jan_2018_foto_3

Програмата на Управата за 2018 година содржи бројни активности и настани за популаризација на македонското културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за деца, млади и студенти; ќе бидат публикувани значајни изданија за културното наследство, ќе бидат организирани стручни настани во вид на работилници и обуки за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници.

Со цел доближување на културното наследство и неговата заштита до граѓаните на Република Македонија, сите активности во рамките на Програмата ќе имаат едукативен карактер и ќе го популаризираат културното наследство. Сите активности во рамките на Европската година на културното наследство 2018, ќе можат да бидат следени на официјалната веб локација на Управата за заштита на културното наследство www.uzkn.gov.mk и на социјалните мрежи.

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia