Промовирани 50 нови наслови од едицијата „Светско книжевно богатство“

Svetskko_knizevno_bogatstvo_640_-1

Ова е едиција која ги поврзува и ги обединува на едно место светските книжевни вредности кои низ децениите ги освоија најпрестижните книжевни награди, дела кои досега во најголем дел не беа преведени на македонски јазик и не ѝ беа достапни на нашата читателска јавност ...

Педесет нови наслови од капиталната едиција „Светско книжевно богатство“ на Министерството за култура беа промовирани вечерва со што бројот на промовирани дела од оваа едиција се заокружува на 103 книги од предвидените 316 изданија.

- Ова е едиција која ги поврзува и ги обединува на едно место светските книжевни вредности кои низ децениите ги освоија најпрестижните книжевни награди, дела кои досега во најголем дел не беа преведени на македонски јазик и не ѝ беа достапни на нашата читателска јавност - рече на промоцијата министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. 

Педесетте нови наслови, посочи министерката, се исклучително вредни изданија, пет дела се закитени со Букеровата награда, девет со Пулицеровата награда, 13 се книги на автори добитници на наградата Гонкур, пет на признанието Стрега, шест лауреати на руската Букерова награда, четири добитници на наградата Сервантес, седум на признанието Ханс Кристијан Андерсен...

Svetsko_knizevno_bogatstvo_640_-2

На македонски јазик на културната јавност, како што рече Канческа-Милевска, ќе ѝ бидат достапни делата: „Се бара одговор“ од Перси Хауард Њуби, „Заслепен убиец“ од Маргарет Етвуд, „Море“ на Џон Банвал, Финклеровото прашање“ од Хауард Џекобсон, „Ќерката на оптимистот“ од Јудора Велти, „Олива Кетриџ“ од Елизабет Строут, „Добра земја“ од Перл Бак, „Бојата на пурпурот“  од Алис Волкер...

Во новата едиција се и дела од француската национална литература, како: „Ана Марија“ од Лисијен Бодар, „Билет во еден правец“ од Дидије ван Коелер, „Мешаните води“ на Роже Икор, „Песочни куфери“ на Ана Лангфус; изданијата на италијанските писатели: „Студени ѕвезди“ на Гвидо Пјовене, „Најдобар живот“ на Фулвио Томиза, „Татковата куќа“ на Џорџо Монтефоски, како и дела на врвни романсиери и раскажувачи, како што се: Ернесто Сабато, Франсиско Ајала, Алваро Мутис. Достапни пред македонската читателска публика се и книги на Марија Грипе, Скот Одел, Ури Орлев, делото „Портрет на мајка ми како млада жена“ од Фридрих Кристијан Делиус, добитник на наградата „Бихнер“.

Svetsko_knizevno_bogatstvo_640_-5

- Уверена сум дека овие изданија кои се создавани низ разните меридијани и времиња, овие  книги со сензационален број на продадени примероци, со милиони читатели во светот, ќе бидат голем предизвик и за нашата културна јавност - рече министерката за култура. 

Промоторот на новите изданија, академик Митко Маџунков, истакна дека едицијата „Светско книжевно богатство“, исто како и „Ѕвездите на светската книжевност“, го претставуваат најдоброто во светската книжевност, ја запознаваат јавноста со книжевните стандарди во современата светска книжевност и истовремено се насочени кон афирмација на македонскиот книжевен јазик.

Svetsko_knizevno_bogatstvo_640_-4

Според Маџунков, книжевната вредност на едицијата „Светско книжевно богатство“ не може да се мери со едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, но сепак е многу висока. 

- Меѓу нив има бестселери, книги според кои се снимени серии или значајни филмови, дела кои пленат со својата стилска и јазична свежина, но и многу други репрезентативни остварувања на современата светска книжевност од кои некои се вистинско ремек-дело - рече Маџунков.

Двете едиции, потенцира Маџунков, моментно ја содржат најпрочистената база на податоци за употребата на македонскиот книжевен јазик, што ќе биде од голема помош при изработка на речници, толковници, правописи.

Svetsko_knizevno_bogatstvo_2000_-1 

Заштитата на книжевниот јазик, порача промоторот, е алфа и омега на духовниот опстанок на секој народ.

Владата на РМ, како и Министерството за култура, наведе Маџунков, се за пофалба поради нивната постојана грижа во Македонија да се испечатат што повеќе книги како највидлив доказ на нашиот духовен хоризонт. 

- Македонската култура, и кога се во прашање преводите и кога е во прашање оригиналното творештво, не може да опстане сама на пазарот. Нејзе и е потребна помошта на државата. Државата е таа која најмногу треба да се грижи и за македонскиот книжевен јазик - рече Маџунков додавајќи дека е потребен подобар закон за заштита на книжевниот јазик, нов, избалансиран систем на лектори, подобра дистрибуција и ширење на книгата.... 

На промоцијата на новите наслови од едицијата „Светско книжевно богатство“ присуствуваа министерот за финансии Кирил Миновски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и автори, преведувачи, лектори, издавачи..

Svetsko_knizevno_bogatstvo_2000_-2




oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk