Интервју на министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска за МИА

Intervju_minister_640

Кога говориме за успешноста во културата, ние мораме да ги имаме предвид неколкуте значајни аспекти, факти и аргументи кои се видливи и мерливи и кои, несомнено, потврдуваат дека во изминатите години, како и во оваа 2016 година, бевме сведоци на еден интензивен културен развој и унапредување на состојбите во оваа сфера. Со задоволство ќе забележам дека во изминатиот период направивме многу, изградивме нови театри, музеи, библиотеки, ги обновивме и ги збогативме со разновидни дополнителни содржини постојните објекти на нашите институции од областа на културата ...

Како ја оценувате 2016 година за македонската култура? Беше ли оваа година повеќе или помалку успешна од изминатите години?

- Оваа, 2016 година можам да ја оценам како многу успешна година во областа на културата. И покрај политичката криза и актуелните случувања кои влијаеја на сите сегменти од нашето општествено живеење, сепак културата успеа на многу високо ниво да ги промовира креативноста и уметничките потенцијали што ги поседуваме и на национално ниво и во меѓународни рамки.

Кога говориме за успешноста во културата, ние мораме да ги имаме предвид неколкуте значајни аспекти, факти и аргументи кои се видливи и мерливи и кои, несомнено, потврдуваат дека во изминатите години, како и во оваа 2016 година, бевме сведоци на еден интензивен културен развој и унапредување на состојбите во оваа сфера. Со задоволство ќе забележам дека во изминатиот период направивме многу, изградивме нови театри, музеи, библиотеки, ги обновивме и ги збогативме со разновидни дополнителни содржини постојните објекти на нашите институции од областа на културата, ги анулиравме недостатоците кои постоеја во претходните децении и кои беа поврзани со условите во кои се остваруваше културата во нашата држава. Сите овие проекти овозможија нашите уметници и ансамбли непречено да ги развиваат своите креативни потенцијали, да создаваат продукции кои свој пандан можат да најдат во многу европски и светски институции. Инфраструктурните проекти и сите инвестиции во културата ја докажаа својата оправданост не само во однос на збогатувањето на културниот живот кај нас, туку тие денеска имаат придобивки и од економски аспект за самите институции и за нивниот одржлив развој.

Кога зборуваме за успешноста во културата, несомнено мораме да се осврнеме и на Годишната програма на Министерството за култура во чии рамки, на мое големо задоволство, оваа година се реализираа повеќе од 3000 проекти. Верувам дека ќе се согласите со мене дека ова е импозантна бројка на проекти со кои ја стимулиравме работата на нашите национални институции, но обезбедивме и поддршка на огромен број проекти на невладиниот сектор, на граѓанските здруженија и на истакнати поединци кои несомнено го збогатуваат културниот пејзаж во нашата држава. Речиси 99 проценти од сето она што се случуваше во државава, беше финансирано од страна на Министерството за култура. Придобивките од овие проекти се видливи што говори дека нашата политика даде многу резултати, таа не беше насочена кон поддршката на т.н. елитистичка култура туку таа овозможи културата да стане достапна за секој граѓанин на Република Македонија.

Во тој контекст би сакала да ја истакнам работата на менаџерите на институциите од областа на културата кои покажаа дека имаат сериозен капацитет и визија да креираат програма за сите генерации, програма за сечиј вкус. Со особено внимание ќе ги поздравам активностите на институциите кои беа наменети за најмладите, како: многубројните оперски и балетски претстави, Детските мајски оперски вечери, детските концерти на Македонската филхармонија, театарските претстави за најмладите и многу други атрактивни содржини за оваа популација. Тука не можам, а да не ја споменам едукативната мисија на културата бидејќи вредностите во културата, почитта кон културата, наследството и историјата се учат од најмлади години.

Поддршката на Министерството за култура не изостана во ниту една дејност од областа на културата, но со особено внимание ќе ја издвојам заштитата на културното наследство и многубројните проекти кои се реализираа во оваа сфера. Во изминатите години преку археолошките истражувања на територијата на целата држава ние ја збогативме нашата културна ризница со преку 800.000 непроценливи наоди кои се силен аргумент за нашето историско минато. Овие артефакти и збогатените поставки беа провокација за домашните посетители и гостите од странство и денеска со задоволство можеме да кажеме дека нашите институции, особено музеите, бележат рекордна посетеност од 300 000 до 500 000 посетители. Горда сум што успеавме да направиме многу, Македонија стана препознатлива културна и туристичка дестинација на светската културна мапа, се етаблиравме како земја со непроценливо културно наследство, мултикултурно богатство кое е наше обележје, нешто што нè издвојува, но и соединува со светот.

Во контекст на афирмацијата на нашата држава во меѓународни рамки, би сакала да ги споменам и големите инвестиции во филмската дејност каде што успеавме со стабилно и континуирано вложување евидентно да ја зголемиме продукцијата на македонската кинематографија и да се промовираме како нова филмска дестинација. И во оваа 2016 година, како и во претходните години, имавме три премиери на македонски играни филмови, а веќе следната, 2017 година се очекуваат четири до пет премиерни прикажувања на македонски филмови. Започнавме со реализација и на серијали и играни серии кои верувам дека ќе овозможат поврзување на нашите филмски професионалци со колегите од регионот и кои наскоро ќе се емитуваат и во нашето пошироко опкружување. Затоа велам дека дојде време кога оправданоста на вложувањата во културата можеме да ја видиме и на дело и да се гордееме со сето она што го направивме.

Кои беа најголемите инвестиции и најкрупни проекти во културата годинава?

- Како што напомнав, во изминатиот период се реализираа многу инвестиции кои ги унапредија условите за работа на уметниците, инвестиции кои ја афирмираа нашата богата култура, историја, традиција, наследство, а директорите на институциите преку нивното успешно менаџирање реализираа голем број проекти кои ја збогатија културната понуда занашите граѓани.

Ќе споменам дека по цели 33 години од изградбата на објектот на Македонската опера и балет, целосно се реконструираше гледалиштето во оваа национална установа, на чијашто сцена во изминатиот период видовме многу ексклузивни спектакли, кои наидоа на незапаметен интерес кај јавноста. Ќе ја споменам премиерата на балетот „Клеопатра“ со кој примабалерината Александра Мијалкова одбележа 25 години уметничка дејност, потоа спектакуларното гостување на Државниот балет од Санкт Петербург кој настапи со „Лебедовото езеро“ на мраз, премиерите на „Евгениј Онегин“, „Севилскиот бербер“, прошталните концерти на групата „Леб и сол“ и многу други културни содржини кои навистина позитивно беа прифатени од сите генерации.

Од другите проекти ќе го издвојам отворањето на Спомен-домот на Татарчеви во Ресен, кој претставува трајно сведоштво за животот и делото на еден од основачите на МРО и нејзиниот прв претседател, д-р Христо Татарчев. Спомен-домот на Татарчеви годинава организираше неколку културни содржини, а убедена сум дека во иднина ќе се реализираат и многу други настани, изложби, читања и камерни концерти кои ќе го збогатат културното живеење на Ресен.

Посебна атракција за македонските граѓани, но и за сите странски посетители беше и отворањето на комплексот „Етно село“ во непосредна близина на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези, кој на еден специфичен начин ни ја раскажува културата на живеењето во македонското село. Во еден од објектите на етноселото е сместен и посебен музеј со поставка којашто го прикажува богатството на македонската етнолошка традиција, народните носии, накитот и други вредни експонати.

Ќе ги споменам и позначајните проекти од областа на заштитата на културното наследство кои ги реализиравме оваа година, како возобновувањето на конаците на манастирскиот комплекс „Св. Преображение“ во близина на Зрзе, Прилепско, како и конакот во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Варош. Го промовиравме и проектот законзервација и ревитализација на еден од најзначајните средновековни споменици на културата во Република Македонија, манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“, кој се реализираше во партнерски однос со Амбасадата на САД. Беше промовирана и познатата Златкова кула во Кратово, извршена е конзервација на архитектурата на манастирот „Света Богородица“ во Велушина и црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Младо Нагоричане, конзервирани се Еврејските гробишта во Штип, а е обновена и црквата „Свети Илија“ во Дојран.

Ќе споменам дека обновивме и голем број фасади во повеќе градови низ државава со што дадовме значителен придонес во заштитата на старата градска архитектура што ја поседуваме како држава. Оваа година го промовиравме и новиот современ мултимедијален простор на Домот на културата во најстарата општина во нашиот град, Кисела Вода, потоа целосно ја обновивме салата на Центарот за култура во Прилеп и реализиравме уште многу други проекти кои го збогатија културното живеење во општините низ Република Македонија.

Од капиталните проекти во делот на издавачката дејност, целосно ја завршивме капиталната едиција „Ѕвезди на светската книжевност” која содржи 560 врвни дела од светската книжевност, Антологијата на литературата за деца и млади, Антологискиот приказ на македонската книжевност преведен на шест странски јазици, а со засилено темпо ги работиме и едициите „Врвови на светската историја, филозофија и психологија со психоанализа“, „Светско книжевно наследство“, „Македонски искушенија“ и многу други проекти од оваа дејност. Навистина е тешко да се издвојат најважните проекти кои ја одбележаа оваа 2016 година бидејќи реализиравме многу проекти на територијата на целата држава, а ова е само дел од сето она што го направивме.

Може ли да издвоите настан од културата што Ви остави посебен впечаток?

- Оваа година бевме сведоци на многу интересни случувања и навистина не би можела да издвојам само еден од овие настани. Сепак, со особено внимание би ги истакнала ликовните претставувања во реновираниот простор на Музејот на современата уметност каде што имавме можност да ги погледнеме делата на Демијан Хрст, еден од најистакнатите британски уметници, потоа во Младинскиот културен центар ги видовме делата на Пикасо, претставниците на американскиот поп-арт, Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн и други врвни автори. Во објектот Мала станица рекордна посетеност имаше изложбата на уметничките слики наследени во процесот на сукцесија на поранешна СФРЈ, во која се содржани делата на македонските бардови, како: Мартиноски, Личеноски, Коџоман, Владимирски, Анастасов, Кондовски, Хаџи Бошков, Куновски, Мазев, Перчинков... Ќе ги споменам и ретроспективно-монографските изложби на дела од Спасе Куновски, Жарко Башески, Решат Ахмети, Вангел Наумовски и многу други автори кои се гордост на нашата култура.

Во Македонија оваа година имавме можност да видиме врвни имиња кои настапија со Македонската филхармонија, како големата Мидори, џез-великанот Душко Гојковиќ, Ксенија Сидорова, нашиот Ѓорги Димчевски.. Проследивме и навистина спектакуларни концерти на мегаѕвездите од калибарот на Енрике Иглесијас, Дејвид Гета, Ники Ромеро, Жан Мишел Жар, настапот на оперската дива Елина Гаранча, концертот на Артуро Сандовал, врвни концерти на Скопскиот џез-фестивал, Офф фест...

Ќе ги споменам и исклучителните театарски продукции на „Соларис“ на Жолдак, „Животот е прекрасен“ на Морфов, „Кристофер Колумбо“ на Љубиша Георгиевски, „Злосторство и казна“ на Де Бреа, „Случки“ во режија на Мустафиќ и многу други театарски остварувања и атрактивни содржини од областа на културата.

Што и донесе 2016 година на Република Македонија во културата на меѓународен план?

- Оваа 2016 година беше период на интензивна и многу ефективна меѓународна промоција на македонската културакоја овозможи Република Македонија да стане препознатлива културна средина на европската и светската културна мапа.  Ќе напомнам дека во рамките на Годишната програма на Министерството за култура се реализираа навистина многу проекти, меѓу кои ќе го издвојам учеството на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил во Рим“, каде што во понтификалниот универзитет „Урбанијана“ беше отворена ексклузивната изложба „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ со која ја одбележавме 1100-годишнината од упокојувањето на големиот мисионер. Се вклучивме и во одбележување на канонизацијата на Мајка Тереза, односно во Рим ја презентиравме изложбата „Мајка Тереза - светицата од Скопје, светицата на Светот“ која пред италијанската јавност понуди значајни историски моменти од животниот пат и мисионерското дејствување на големата хуманистка.

Нашите институции остварија значајни меѓународни претставувања - гудачкиот оркестар на Македонската филхармонија гостуваше во Виена каде што со пијанистката Елена Мисиркова-Лоза одржа концерт посветен на македонското творештво, Македонската опера и балет исклучително успешно се претстави во Холандија, Албанија и во Србија, а со настапите на националниот ансамбл „Танец“ имавме успешна презентација на нашиот изворен македонски фолклор во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, како и во Обединетите Арапски Емирати. И македонските театри имаа многу плодна година. Во таа смисла, МНТ настапи на еден од најголемите и најпрестижни фестивали во Европа, „Винер фествохен“ во Виена, а се претстави и во Полска. Битолскиот театар гостуваше во Санта Барбара, Санкт Петербург, Софија; Театарот Комедија на неколку реномирани фестивали во Хрватска, Црна Гора и во Србија, а Драмскиот театар со исклучителен успех ја реализираше балканската турнеја.

Традиционално оваа година се претставивме и на Биеналето на архитектурата во Венеција со исклучителниот проект „Ничија земја“ кој го освои вниманието на многубројните посетители од целиот свет. Ќе напомнам дека оваа, 2016 година имавме навистина успешни претставувања и на македонската книжевна продукција во Париз, Франкфурт, Истанбул, како и на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг. Од останатите реализирани проекти ќе ја издвојам азиската турнеја на македонскиот џез-музичар Владимир Василевски-Четкар кој со голем успех настапи на еминентни џез-фестивали во цела Азија - во Кина, Хонг Конг, Јужна Кореја, Малезија, Камбоџа, Индија.

Оваа, 2016 година голем број културни активности се реализираа и во културно-информативните центри на Република Македонија во Њујорк и во Софија. Со задоволство можам да констатирам дека македонските уметници особено успешно ја презентираа македонската култура на сите светски меридијани и потврдија дека инвестирањето во нив и во македонската култура треба секогаш да биде наш императив.

Колкав е буџетот за културата во 2017 година и кои се поважните проекти кои може да ги очекуваме во наредната година?

- Во 2017 година ќе продолжиме посветено да работиме на унапредувањето и промоцијата на културата и културните вредности на Република Македонија, ќе продолжиме со нашите заложби за вреднување на уметничкиот влог на македонските уметници и обезбедување поддршка за нивното творечко и професионално дејствување. Буџетот за 2017 година на Министерството за култура е зголемен за 15,43 проценти во споредба со минатата година. Имаме зголемување и на програмските средства на Министерството за култура што значи дека и во наредната година ќе поддржуваме финансирање на проекти од национален интерес во културата во сите дејности од областа на културата, а ќе продолжиме и со интензивна промоција на македонската култура во странство. Нема да изостане и поддршката застимулативните мерки, откупот на ликовни дела и скулптури од галериски формат, поддршката за создавање композиции од народната и забавната музика, како и за стимулацијата за создавање дела од областа на класичната музика.

Наредната, 2017-ма нè очекуваат навистина значајни настани, меѓу кои со особено внимание ќе ги издвојам проектите кои ќе ги завршиме и ќе ги промовираме, како новата концертна сала за Македонската филхармонија, театарот во Струмица, реконструкцијата и санацијата на Албанскиот театар. Ќе продолжиме со активностите за изградба на Турскиот театар, културно-образовниот центар во Тетово, реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на нови објекти за Драмскиот театар и театарот Комедија, како и реконструкција на објектот кој го користат установите во Охрид.

Интензивно ќе се реализираат и проектите од областа на заштитата на културното наследство, меѓу кои се обновата на опожарените конаци на манастирот „Трескавец" во Прилеп, ќе се заврши конзервацијата на манастирот „Св. Никола" во Мариово, конзервацијата на Јени џамија во Битола и нејзината адаптација во галериски простор, ќе биде отворена Галерија на икони во црквата „Успение на Пресвета Богородица" во Ново Село, Штип, ќе продолжиме со превентивни заштитни мерки на црквата „Св. Архангел Михаил" - Берово, која е споменик на културата од 19 век, со конзервацијата и реставрацијата на манастирскиот комплекс „Св. Никола" во село Љубанци, ќе се заврши проектот за реконструкција на споменикот „Македониум" во Крушево и многу други значајни проекти. Ќе продолжиме и со проектот за обнова на фасади во Старата скопска чаршија и во другите градски јадра низ државава, како и со проектите за уредување на музејските поставки во националните музеи и уредување на депоата. Во 2017 година ќе продолжи изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, ќе продолжат археолошките истражувања на повеќе локалитети, ќе се довршат конзерваторско-реставраторските работи на Скопската тврдина Кале, а обезбедени се и средства заистражување, за реконструкција и санација на Античкиот театар во Скупи.

Следната година во Република Македонија ќе се реализираат голем број разновидни програмски содржини во институциите, а меѓу нив ќе ја издвојам премиерната изведба на мјузиклот „Тајно моја“ на Македонската опера и балет, кој е посветен на нашата музичка икона Тоше Проески.

Верувам дека и следната година, како и оваа 2016 година, ќе биде мошне успешна во областа на културата и во таа смисла, сакам да упатам голема благодарност до сите вработени во институциите од областа на културата, до директорите на установите, до вработените во Министерството за култура, до сите автори и уметници кои во континуитет даваат свој голем придонес во интензивирањето на културниот развој на РМ. Се разбира, на крајот, на сите граѓани сакам да им ги честитам новогодишните и божиќните празници и да им посакам успешна и бериќетна нова година. Многу здравје, а сето друго само по себе ќе си дојде...

obrakanje-minister

Фотогалерии

  • 0
  • 1
  • 2

oglas

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanecarheoloski-vesnik

exploring-macedonia

macefdrr     

 cultema_logo    msu_logo_mk